И за време на зимскиот период, не запираат активностите за подобрување на условите во објектите на Јавната општинска установа за деца Детска градинка (ЈОУДГ) „Наша иднина“- Прилеп. Во моментов, интензивно се работи на објектите на 4 градинки во градот, каде се врши санација на санитарни чворови, менување на дограмата, реконструкција на покривни конструкции, а се вршат и други градежни зафати.
Најголеми градежни активности има во градинката „Гоце Делчев“, каде се реновираат санитарните чворови, целосна промена на дограмата, а поради долготрајниот проблем со греењето, се врши комплетна реконструкција на котларата.
„Можам да кажам дека веќе на почетокот на следниот месец, проблемот со греењето во градинката „Гоце Делчев“ ќе биде минато. Во оваа градинка се врши целосна промена на дограмата, а се реновираат и санитарните јазли. Во градинката „Аличаир“, минатата година старата дограма беше заменета со нова ПВЦ дограма, така што остана да ги реконструираме санитарните чворови. И во градинката „Бончејца“ се врши целосно реновирање на санитарните чворови, исто како и во „Тризла“, со тоа што во овој објект дополнително ќе го решаваме и проблемот со покривот. Тој се наоѓа во исклучително лоша состојба, прокиснува и при најмал дожд, па веднаш штом ни дозволат временските услови, ќе почнеме со негова санација“, вели в.д. директорката на ЈОУДГ „Наша иднина“- Прилеп, Бети Спиркоска, која на чело на оваа институција се наоѓа нецели два месеца.
Спиркоска ја истакнува големата поддршка која ја има од локалната самоуправа и градоначалникот Илија Јованоски, но и помошта од фирмите „Гентерм“, „Микросам“ и Ротари клубот, кои во многу помогнаа за подобрување на условите во кои нашите најмлади сограѓани престојуваат по неколку часови во текот на денот. Она што в.д. директорката го потенцира, е намалувањето на бројот на деца од градот и населените места, чии родители со години чекаат нивните деца да бидат згрижени во некој од објектите на јавната општинска установа.
„Со зголемувањето на сместувачките капацитети, намален е бројот на деца кои чекаат да бидат згрижени во некоја од градинките во градот и населените места. Истовремено, намален е и бројот на деца во групите, со што значително се подобрени условите за престој на децата во објектите на ЈОУДГ „Наша иднина“, нагласува Спиркоска.
Се разбира, тоа не значи дека условите во градинките се идеални, бидејќи согласно стандардите за работа, неопходно е натамошно намалување на бројот на деца во секоја група. Меѓутоа, со цел да им се излезе во пресрет на барањата на родителите кои инсистираат нивните деца да бидат згрижени во градинките,бројот на деца во поголем дел од групите и натаму е поголем од оптималниот. Ваквата состојба ќе биде надмината со отворање нови сместувачки капацитети, пред се’ со изградбата на новата градинка во населбата „Точила“.