Во организација на Институтот за економски истражувања и политики Finance Think, синоќа во Крушево се одржа регионален форум на тема „Општините и граѓаните: заедно кон подобар буџет“.
Станува збор за завршниот настан на проектот „Мои пари, моја одговорност, партиципативно буџетирање во општините“, кој Finance Think го реализираше во 11 општини, за период од 3 години.
На почетокот на форумот, Извршниот директор на Finance Think, Благица Петрески, ги претстави резултатите од студијата. Таа истакна дека спроведените активности во тригодишниот период, имале за цел да го поттикнат партиципативното буџетирање во општините во нашата држава, како и зголемување на ефективноста на трошењето на граѓанските пари во Општините.
Во таа насока, како што истакна Петрески, како алатка биле користени јавните дискусии, со цел промоција и засилување на процесот на партиципативното буџетирање во општините, со посебен акцент на учеството на граѓаните во оформување на буџетот.
Една од 11-те општини кои беа вклучени во проектот, покрај Ѓорче Петров, Кавадарци, Крива Паланка, Крушево, Сарај, Неготино, Старо Нагоричане, Кривогаштани, Струмица и Куманово, беше и општина Прилеп.
Градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, на синоќешниот регионален форум истакна дека партиципативното буџетирање е релативно нов пристап на буџетирање на општините, во кој граѓаните се вклучуваат во процесот на креирање и селектирање на проекти кои се од приоритетно значење на општината. Освен што овој процес придонесува за зголемување на транспарентноста, рече Јованоски, тој овозможува поефективно решавање на проблемите и потребите на граѓаните.
„Првото мое реализирано изборно ветување после преземањето на градоначалничката функција, беше ‘Граѓанскиот парламент’, кој претставува алатка за детектирање и решавање на граѓанските проблеми и приоритети. Придобивката на овој процес, е што на иста маса се седнати граѓаните, стопанските субјекти, невладините организации и локалната власт и заедно одлучуваат како ќе се трошат народните пари. Покрај ‘Граѓанскиот парламент’, организиравме и јавни собири во урбаните и месните заедници. Оттаму произлегоа голем број предлози и идеи, од кои голем дел ги вклопивме во општинскиот буџет. Позитивните резултати од овој начин на креирање на буџетот, придонесоа за зголемување на свеста кај граѓаните за важноста од нивната вклученост во процесот на креирање на буџетот, за поголема транспарентност и отчетност на Општина, како и за точна и навремена информираност на граѓаните“, рече градоначалникот Јованоски.
Томе Христоски, градоначалник на општина Крушево, нагласи дека од почетокот на неговиот мандат, односно за помалку од 3 години, Општината реализирала проекти во висина од околу 5.5 милиони евра и дека најголемиот дел од нив, произлегле од одржаните средби со граѓаните и спроведените анкети по населените места.
„Дел од општина Крушево се и 17-те населени места, чии жители се соочуваат со недостиг на елементарни услови за живот. Со цел подобро да ја ‘скенираме’ состојбата и да им дадеме можност на граѓаните сами да одлучуваат за проектите кои Општината ги имплементира, одржавме голем број средби, а спроведовме и анкета во населените места. Резултатите беа поразителни, бидејќи на прагот на третата деценија од 21 век, ние сеуште зборуваме за изградба на водоводи и канализации. Токму заради земањето во предвид на идеите и потребите на граѓаните, на залетиштето на ‘Мечкин Камен’ поставивме вештачка трева. Дополнително, ја изградивме и целата потребна инфраструктура, со што Крушево влезе на светската мапа на најдобри и најпожелни дестинации за параглајдинг. Сето тоа придонесе за рапиден скок на бројот на туристи во нашата општина“, потенцираше Христоски.
На синоќешниот регионален форум учествуваше и Александар Гаврилоски, претставник на граѓанскиот сектор, кој директно учествуваше во имплементацијата на проектот на Finance Think. Говорејќи за текот на имплементацијата на проектот, тој ја издвои отвореноста на Општините и спремноста на градоначалниците за соработка со граѓаните, невладиниот и бизнис секторот.