Реакција на прес на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп

Почитувани,

Изненадува леснотијата со која се обидувате да ја манипулирате јавноста и да ја извртувате реалноста.

Вашата партија, меѓу кои и претседателот на Општинскиот комитет, е дел од Советот на општина Прилеп. Доколку комунициравте со него, тој како координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, ќе ви кажеше дека општинскиот Совет изгласа промена на Деталниот урбанистички план во населбата „Точила“, со единствена цел – започнување на постапката за изградба на здравствено-рекреативниот спортски центар со затворен базен, како и изградба на детска градинка во овој дел од градот.

Спортско-рекреативниот центар и детската градинка ќе се наоѓаат на локација помеѓу ООУ „Блаже Конески“ и СОУ „Ристе Ристески-Ричко“ и нивната изградба ќе започне следната година, веднаш после завршувањето на сите законски постапки кои претходат на почетоккот на градежните активности.

Што се однесува до спортската сала „Македонија“, зачудува вашето елементарно непознавање на работите поврзани со нејзината сопственост.

Сите вие кои се сликавте пред овој спортски објект, како поранешни спортисти требало да знаете и да бидете информирани дека спортската сала „Македонија“ е во сопственост на Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти, што значи дека Општина Прилеп и градоначалникот Илија Јованоски, никако не можеле салата да ја издадат на, како што велите, „лице блиско до власта“.

Почитувани од ВМРО-ДПМНЕ,

Изградбата на Дневниот центар за лица со церебрална парализа, реконструкцијата на Градскиот стадион „Гоце Делчев“, набавката на четирите нови автобуси на метан, асфалтирањето и рехабилитирањето на улиците во градот како никогаш порано, почетокот на реконструкцијата на булеварот „Гоце Делчев“, изградбата на бетонски мост во населбата „Сточен пазар“, прв мост кој се гради после повеќе од 40 години, се проекти ветени во програмата на градоначалникот Јованоски, чија реализација е реалност.

Оттаму, можете да бидете сигурни дека напролет започнува изградбата и на ветениот здравствено-рекреативен спортски центар со затворен базен и новата детска градинка, а следната година ќе стартуваат и градежните активности на новата зграда на театарот „Војдан Чернодрински“.

Со почит,
Општина Прилеп