Реакција на Општина Прилеп на прес конференцијата на Петар Ристески, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани,

Зборувајќи за неработење, неспособност, криминал, непотизам, првиот човек
на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп, Петар Ристески ја
потценува меморијата на прилепчани, кои добро го паметат коруптивното
владеење на претходната власт и екс градоначалникот Ристески.

Серијата на кривични пријави за злоупотреби на службената положба и
овластувања со кои, покрај екс градоначалникот Ристески, опфатени се и голем
дел од неговите најблиски соработници, се најдобра потврда за 12 годишното
владеење на ВМРО-ДПМНЕ.

Локалната власт предводена од градоначалникот Илија Јованоски, и покрај
фактот што наследи катастрофална состојба на општинскиот буџет и ниту еден
подготвен урбанистички проект, успеа да реализира и да подготви десетици
проекти, од кои повеќето беа дел од предизборната програма.

Досега се асфалтирани над 50 улици во општина Прилеп, а со ребалансот на буџетот за 2019 година одобрени се и дополнителни 55 милиони денари за реконструкција на патната мрежа во општината.

При крај е реконструкцијата на Градскиот стадион „Гоце Делчев“, со што прилепчани добиваат современа фудбалска арена, каква што заслужува најфудбалскиот град во државата.

Започната е реконструкцијата на мостот на улицата „Трајко Николоски“ во
населбата „Сточен пазар“, кој ќе биде широк 16 метри и со кој ќе се растерети
сообраќајот во општината.

Набавени се 4 нови еколошки автобуси на метан за јавниот превоз во општина
Прилеп, ново возило и опрема за територијалната противпожарна единица,
ново современо комунално возило за потребите на ЈКП „Комуналец“.
Во сите основни и средни училишта, како и во детските градинки извршени се
инфраструктурни зафати, поставена нова ПВЦ дограма, реновирани тоалети и
училници.
И покрај тоа што новата локална власт и градоначалникот Јованоски не
затекна ниту маркица за изградба на нова детска градинка, донесен е
Деталниот урбанистички план за делот од населба Точила, каде ќе се гради
ветената градинка за најмалите и затворен базен.

Истовремено, 30 населени места во општина Прилеп за прв пат добија Детални урбанистички планови, што ја отвора можноста за нивно урбанизирање и изградба на водоводни и канализациони мрежи.

До крајот на годинава започнува реконструкцијата на булеварот „Гоце Делчев“
и дел од улицата „Прилепски бранители“, со што централното градско подрачје
добива нов урбан лик.

Почитувани,
Непобитен факт е дека Прилеп забрзано се уредува и гради и прераснува во
современа урбана општина.