Реакција на Општина Прилеп на денешниот прес на ОК на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани,

Денеска сме сведоци на уште еден во низата очајнички обиди на опозицијата, да
го сврти вниманието на јавноста од секојдневните активности кои
градоначалникот и локалната самоуправа на општина Прилеп, ги преземаат во
насока на решавање на проблемите на граѓаните.

Наместо да смогнат сили и да ги поздрават градежните активности со кои ликот на
Прилеп секојдневно се менува – асфалтирање на улиците во секоја населба во
градот и населените места, реконструкција на булеварот „Гоце Делчев“,
изградбата на локални и регионални патишта, опозициската ВМРО-ДПМНЕ се
повикува на промашен проект од кој секоја одговорна власт и партија би се
срамеле.

Таканаречното училиште во населбата „Сточен пазар“, претходната власт на
ВМРО-ДПМНЕ и екс градоначалникот Марјан Ристески го граделе среде поле и
опкружено со насади од тутун, без струја, вода, канализација и дефиниран
училишен двор, без пристапен пат, на само петнаесетина метри од неоградено
речно корито, и за него потрошиле повеќе од 10.000.000 денари.

Објектот во „Сточен пазар“ претходната власт го остави без изградена и поврзана
основна инфраструктура, не извршиле ниту атест за вградената ПП инсталација,
не ја оградиле, осветлиле и партерно не ја уредиле градежната парцела, а не
овозможиле ниту пристап за интервентни возила, како и колски пристап до
парцелата.

Заради сите овие пропусти во изградбата, објектот во „Сточен пазар“ нема
технички прием.

Ова е типичен пример, за градење на објекти надвор од законите и стандардите.
Очигледно, во овој случај, тогашната локална власт се водела исклучиво од
интересите на поединци, а не од потребите на граѓаните и учениците.

За разлика од ваквото неодговорно трошење на парите од општинската каса,
денес локалната самоуправа и градоначалникот Јованоски водат грижа за секој
потрошен денар од буџетот, а средствата се инвестираат исклучиво во проекти од
интерес на граѓаните на општина Прилеп.