Синоќа во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков“ беше промовирана монографијата на авторот Стојан Ѓуроски, со наслов „35 години Мариовско – мегленски културни средби“.
Во ова издание отсликана е 35 годишната работа на здружението „Мариовско – мегленски културни средби“, чија цел е преку овој пишан запис да се стави акцент на традицијата која ја негуваат овие средби и мариовскиот регион.
На 135 страници опфатени се сите значајни периоди од досегашната работа на здружението, а акцент е ставен и на Мариовскиот, и Мегленскиот крај, како и на издавачка дејност на здружението.
Промотори на монографијата беа професорите д-р Јорде Јаќимовски и д-р Осман Кадриу.
Издавањето на монографијата е значајно, бидејќи станува збор за дело во кое на систематизиран начин се пренесуваат најзначајните периоди од развојот на средбите кои се одржуваат во еден од најретко населените, а по територија најголем регион во државата – Мариово.
Издавањето на монографијата „35 години Мариовско – мегленски културни средби“, е помогнато од Министерството за култура и АД „Витаминка“ – Прилеп.