Животниот пат на еден од најмаркатните личности од Прилеп кој, со своето дело и жртва, се вградил во темелите на македонската државност и независност, Методија Андонов – Ченто, темелно и внимателно раскажан низ фотографиите од неговата најрана возраст, па се до неговата смрт, е овековечен во фотомонографијата од авторот Рубинчо Белчески, која вчера во рамки на одбележувањето на празникот 3.Ноември, беше промовирана во фоаејто на ЦК „Марко Цепенков.“
Промоцијата на публикацијата „Ченто – биографија низ фотографија“, чиј издавач е НУ „Завод за заштита на спомениците на културата и музеј“ – Прилеп, беше збогатена и со изложба на слики од животот на Ченто, а целиот настан се одржа во присуство на ќерката на Ченто, Марија Јакимоска, градоначалникот Илија Јованоски, претседателот на општинскиот Совет, Миле Талевски, советници и останати граѓани, почитувачи на делото на Ченто.
„Она што авторот Рубин Белчески го направил за нашиот борец, за првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто, е уште едно признание за огромното значење на Ченто за нашиот град. Ченто е гордост на Прилеп, премногу значајна личност, не само за неговото семејство, туку и за Македонија, зашто како прв претседател на Президиумот на АСНОМ, со првите свои чекори покажа дека ја сака Македонија, која стана самостојна и независна држава.
Уште еднаш сакам да упатам честитки до Рубин Белчески, затоа што со неговата несебичност и професионалност, а пред се’ како познат и признат културен работник од нашиот град, со ова дело покажа дека остава траги за иднината на Прилеп, и тоа не било какви траги, ами позитивни траги на кои сите ќе се сеќаваме во иднина. Нека е честит празникот 3.Ноември и нека е за многу години“, нагласи градоначалникот Илија Јованоски, во неговото обраќање до присутните.
„Во публикацијата ќе видите се’ она што направил во животот. Ќе ги видите неговите затворски денови, за време на бугарската и српската окупација, но и тоа дека за жал најдолг затворски период помина во слободна Македонија, за која посветил огромен дел од својот живот. На татко ми единствената партија во текот на целиот живот, му беше Македонија.
Жал ми е што мајка ми, која беше достоинствен сопатник на татко ми и се грижеше за нас, четирите деца, не дочека да види дека татко ми некаде во 1990 година имаше рехабилитација, затоа што таа цело време зборуваше дека еден ден вистината ќе излезе, како и што се случи“, потенцираше ќерката на , Методија Андонов – Ченто, Марија Јакимоска.
„Современата историографија, ја признава фотографијата како историски документ, како визуелно сведочење за историските факти и како составен дел на културата на сеќавањето и паметењето за историските настани и личности. Фотографијата е начин и средство за премин од минливото, во вечното.
Рубинчо Белчески, историчар, кустос и советник во НУ „Завод за заштита на спомениците на културата и музеј“ – Прилеп, со фотомонографијата „Ченто – биографија низ фотографија“, на 277 страници ја овековечува истоимената, пред сите нас и пред наши очи видлива, патувачка фотоизложба за овој македонски национален борец, деец и политичар.
Фотомонографијата содржи вкупно 250 тематски и хронолошки групирани фотографии од кои, најстарата од 1919 година, а секоја од нив проследена со агенда за местото и времето на нејзиното настанување, за настанот и за на неа претставените личности.“
За периодот за кој нема фотографии, како и пред секоја група на опфатени фотографии, исто така по хронолошки редослед се поместени 150 важни податоци за животот и делото на Ченто. Во секоја тематска целина се застапени и искажувањата на човекот, револуционерот и државникот Методија Андонов – Ченто, во интерес на што пообјективно и поверодостојно презентирање и толкување на неговиот живот, на неговото револуционерно и државничко дело, заслужено и трајно вградено во македонската колективна меморија“, истакна промоторот на фотомонографијата,“ Слободан Беличански.
„Во деведесеттите години кога почна постепено да се зборува за името на Ченто, се одважија многу публицисти, историчари, како и синот на Методија Андонов Ченто, Илија, да напишат дела за Ченто. Се одржаја неколку научни собири за Ченто и сите тие се овековечија во зборници, како и во едно издание на Државниот архив со материјали и документи. Остана само уште еден простор каде фотографиите не беа опфатени. Си реков себе си, тоа е мојата работа. Тука ќе се зафатам јас со Ченто и ќе ги обработам сите фотографии што постојат.
Во збирката за Ченто во „Завод и Музеј“ постоеа мал број на фотографии, затоа се обратив до семејството на Ченто, кои ја прифатија мојата идеја и многу ми помогнаа, бидејќи семејниот албум ми го предадоа мене, а се’ со цел да ги обработувам фотографиите и дополнително да истражувам.“ Нагласи авторот на монографијата, Рубинчо Белчески.