По повод 75-годишниот јубилеј на Градската библиотека „Борка Талески“, синоќа беше промовиран „Зборникот на песни од прилепски автори“. Зборникот содржи 68 песни од 45 поети од општинава и е рефлексија на актуелниот поетски потенцијал во овој миг.
Градоначалникот Илија Јованоски, кој беше дел од овој настан, рече дека токму градот под Марковите кули гордо го носи епитетот ’Мала Фиренца’ бидејќи е град на културата и уметничките вредности, на истакнати културни дејци.
„’Зборникот на песни од прилепските автори’, првата книга од едицијата на ЈОУ Градска библиотека ‘Борка Талески’ насловена како ‘Роднокрајно творештво’ чија промоција е вечерва, го отсликува актуелниот миг на поетскиот потенцијал на Прилеп. Во овој град, на оваа почва се раѓале уметници, се раѓале интелектуалци, врвни професионалци. Овде се родени втемелувачите на македонскиот јазик, уметност и култура. Овој настан е можност да ја искажам огромната почит кон ликот и делото на нашиот современик, врвниот акварелист, Илија Миноски –Мината, уметникот којшто со четка и боја ги сликаше убавините на природата, каменот, на нашето опкружување, ја доловуваше во целиот свој раскош прилепската уникатна архитектура. Целото творештво на Миноски до неговото заминување, минатата година, е впрочем посветено на Прилеп“, истакна во своето обраќање градоначалникот Јованоски.
Според Моника Талеска директорка на Градската библиотека „Борка Талески“, збирката ќе ја збогати роднокрајната поставка на библиотеката.
„Оваа збирка поезија ќе ја збогати роднокрајната поставка на нашата установа, а години потоа ќе биде потврда за креативниот потенцијал, за културниот поетски изблик, доказ дека на нашите простори опстојува и се негува со особен акцент творештвото на роднокрајните автори. Инспирацијата на авторите, пак, говори за содржината на животот на овој наш колективитет, за нашите падови и подеми, за нашите таги и радости и неизоставно за нашите стремежи“, истакна Талеска.
За придонесот во литературата и книжевната вредност на песните говореше претседателата Сузана Ѓорѓиевска. За делото на Миноски, за неговиот придонес во македонската ликовна уметност, во рамките на овој Зборник, беше прочитан пред присутните, од страна на актерот Димитар Црцороски. Членови на комисијата беа: поетесата Сузана Ѓорѓиевска и професорите по македонски јазик: Сузана Николоска и Дарко Ристески.