Продолжува инфраструктурното уредување на Прилеп, на ред улици и паркинзи во урбаните заедници „Бончејца“ и „Центар“

Градежната офанзива на Општина Прилеп во делот на уредување на патната инфраструктура, продолжува со несмален интензитет.

Се работи на повеќе локации во градот, при што се врши асфалтирање на улици и паркинзи, како и на поставување на бекатон плочки на тротоари и други јавни површини.

„После уредувањето на улицата ‘Андон Слабејко’, во УЗ ‘Бончејца’ во овој момент се асфалтира паркингот зад деветтокатницата, кој не беше уреден од моментот на нејзината изградба. Истовремено, на барање на жителите од оваа урбана заедница, со бекатон плочки се уредува просторот кај зградите помеѓу улицата ‘Бидимаш’ и булеварот ‘Гоце Делчев’. Продолжуваат градежните работи и во УЗ ‘Центар’, каде денеска ќе се асфалтира улицата ‘Републиканска’. Од идната недела, ќе се асфалтира патната инфраструктура во населените места Канатларци, Ерековци и Тополчани“, изјави градоначалникот Илија Јованоски.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, ја потенцираше поддршката која Министерството и’ ја дава на Општина Прилеп, а уште еднаш ги нагласи проектите кои ова министерство во соработка со ЈП за државни патишта, ги реализира во регионот.

„Македонската Влада, ресорното Министерство за транспорт и врски, заедно со јавните претпријатија и општините, работат на огромен број на капитални проекти низ целата држава. Сакам да потенцирам дека оваа динамика, оваа сериозна градежна офанзива која се случува, не е само заради суштинско исполнување на владината програма или програмата на градоначалниците, туку е вистинска потреба за решавање на проблемите на граѓаните. Јас мора да го изразам своето задоволство и да им оддадам признание на градоначалникот Јованоски и локалната самоуправа, за сето она што го прават во интерес на граѓаните“, истакна министерот Сугарески.

Тој потенцираше дека во изминатиот период беа реализирани или се во завршна фаза, повеќе проекти кои се од исклучителна важност за жителите на Пелагонискиот регион. Тука спаѓа рехабилитацијата на патниот правец Фариш-Дреново, потоа патот од Прилеп преку Тополчани до Битола, патот до прилепското вештачко езеро, клучката кај ТИРЗ „Прилеп“. Завршија градежните работи на 3.5 км од патот Кадино село-Галичани, а следува и асфалтирањето на патот Витолиште-Лагово во должина од околу 8 км. Сугарески напомена дека се работеа и проекти од комуналната инфраструктура, како што е канализација во Големо Коњари, а во тек е јавната набавка за канализација и во Мало Коњари.

 

„Исто така сакам да споменам дека гасоводниот систем од Неготино до Битола исто така е во завршна фаза и очекувам во текот на оваа година целосно да биде завршен согласно проектната документација на Општината, заедно со владината одлука за јавно-приватно партнерство, каде што треба до крајот на летниот период да се избере изведувач, со цел гасоводот да стигне до секое домаќинство“, рече министерот за транспорт и врски, Сугарески.

„Како претседател на УЗ ‘Бончејца’ сакам да искажам огромна благодарност до градоначалникот и локалната самоуправа. Сакам да кажам дека сите активности кои ги зацртавме во текот на оваа година, се наоѓаат во завршна фаза. Почнувајќи од овој дел, одејќи надолу кон железничката станица, ќе бидат санирани сите простори помеѓу зградите, ќе бидат асфалтирани или наредени со бекатон плочки. Долги години газевме кал на овој простор, конечно сме задолни што се реализираа нашите барања. Се надеваме дека до крајот на годината ќе бидат реализиран и останатите активности кои беа планирани за ‘Бончејца’“, изјави Миле Тасламически, претседател на УЗ „Бончејца“.