Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, директорот на Дирекцијата за Технолошко – индустриски развојни зони, Александар Младеновски, градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски и претседателот на општинскиот Совет, Миле Талевски денеска извршија увид во изградбата на клучката кај ТИРЗ „Прилеп“.
Министерот Сугарески рече дека активностите течат со добра динамика и се очекува во текот на следната недела овој дел од патниот правец Прилеп-Битола да биде ставен во употреба.
„Уште пред неколку месеци рековме дека ова што се прави е исклучително важен сегмент за локалната економија и, комплетно, за Пелагонискиот дел. Она што е исто така важно, е дека овој период имаме сериозна градежна офанзива, што може да се види во прилепскиот регион, околу Прилеп и внатре во самиот град. Истовремено се работи на патот Фариш-Дреново, каде очекуваме следната недела да заврши гребењето и да почне асфалтирањето на патот. Се работи и на патот за Мариово, каде исто така за скоро започнува асфалтирањето. Продолжуваат работите на регионалниот од Битола за Прилеп преку Тополчани, а асфалтирање ќе има и на патот Кадино село – Галичани. Сакам да ја пофалам локалната самоуправа за она што го прави, а за што од Министерството за транспорт и врски ќе биде дополнително финансиски засилена со 1.25 милиони евра за рехабилитација и санација на улици“, изјави Сугарески.
Сугарески напомена дека во делот на комуналната инфраструктура биле завршени повеќе активности и најави почеток на изградба на пречистителна станица и канализација во с.Мало Коњари, како и на тендерската постапка за преостанатите 65% од експресниот пат Фариш-Дреново.
„Ова е инвестиција од 240 милиони денари, или околу 4 милиони евра, а исто така е при крај изградбата на водоводот во ТИРЗ ‘Прилеп’, а инвестиравме и дополнителни 50 милиони денари во внатрешната инфраструктура. При крај е изведбата на клучката, а во моментов се асфалтираат приклучоците за клучката за да можеме да го оспособиме и да го пуштиме во употреба регионалниот пат. Неблагодарно е да се каже кога точно ќе завршат работите, тоа во многу зависи од временската ситуација, но и визуелно се гледа дека работите се при крај“, истакна директорот на Дирекцијата за Технолошко – индустриски развојни зони, Александар Младеновски.
Градоначалникот Илија Јованоски упати благодарност до министерот Сугарески и до првиот човек на Дирекцијата на ТИРЗ, Младеновски, за изградбата на клучката кај ТИРЗ „Прилеп“, која е од огромно значење за безбедноста на учесниците во сообраќајот, но и за економијата во општина Прилеп.
„Оваа градежна офанзива се надоврзува на градежната офанзива во нашиот град, при што оваа година локалната самоуправа ќе реконструира и рехабилитира околу 20 километри патишта и улици во градот и населените места“, потенцираше градоначалникот Јованоски.