Во очи на почетокот на новата учебна 2018/2019 година, градоначалникот Илија Јованоски одржа работна средба со директорите на основните и средните училишта, како и на основното музичко училиште. На средбата се разговараше за последните припреми кои училиштата ги преземаат, со цел подготвени да ја дочекаат новата школска година, која почнува во понеделник, 3.септември.
Општа е оцената дека училиштата се спремни за првиот школски час. Во поголем дел од нив, во текот на летото се вршеа реконструкции на училниците, тоалетите, покривите, се менуваше дограмата и се уредуваа училишните дворови, се’ со цел учениците и наставниците да имаат подобри услови за изведување на наставата.
Во понеделник, на стартот од новата учебна година, градоначалникот Јованоски ќе присуствува на првиот училишен час во ООУ „Климент Охридски“ и во ООУ „Страшо Пинџур“ во село Мало Коњари.
Вкупниот број на ученици кои во учебната 2018/2019 година ќе посетуваат настава во основните и средните училишта во општина Прилеп, изнесува 5.510, од кои за прв пат во училишните клупи ќе седнат околу 715 првачиња.