Прилепските советници го усвоија Извештајот за штетите од невремето, вкупната сума проценета на 3 милиони евра

На денешната 19-та редовна седница, членовите на општинскиот Совет,
едногласно го усвоија збирниот Извештај за проценетата штета на подрачјето на
Општина Прилеп, настаната од невремето кое го зафати прилепскиот регион на
23.07.2018 година, која според процената на Комисијата за процена на штетите,
изнесува 186.609.144,00 денари, или нешто повеќе од 3 милиони евра.


„Денеска Советот на Општина Прилеп го усвои заклучокот од Комисијата за процена на штетите од невремето кое го зафати подрачјето на општината, а кој ќе биде испратен до второстепената комисија при Владата на Република Македонија. Очекуваме во најбрз временски рок Владата да донесе одлука за
сумата и опфатот со кој ќе се изврши обештетување на земјоделците. Советот ги донесе и Извештаите за работа на општинските основни и средни училишта за учебната 2017/2017 година, како и годишните Програми за работа на училиштата за учебната 2018/2019 година. Исто така, советниците формираа повремена комисија за утврдување на релации и цена на превоз на учениците од населените места до средните општински училишта во Општина Прилеп и обратно. Советот го усвои и тримесечниот извештај за финансиското работење на ЈКП „Водовод и канализација“. И во ова јавно претпријатие продолжува трендот на позитивни финансиски импликации за работењето на јавните комунални претпријатија и тоа, како претседател на Советот ме радува, бидејќи трендот кои тие го воспоставија продолжува да се реализира во сите наредни квартали“, изјави Миле Талевски, претседател на Советот на Општина Прилеп.

Првиот човек на Комисијата за процена штети од елементарни непогоди, Жарко
Северкоски, ги соопшти податоците за вкупната штета настаната од невремето,
како и за бројот на поднесени барања од страна на земјоделците од регионот.

„Вкупната површина на земјоделско земјиште зафатено со невремето изнесува 10.571.762 м2, а висината на штетата изнесува 186.609.144,00 денари. Најголеми оштетувања има на тутунот, или над 60 отсто од површините погодени од
невремето. Поднесени се 1.315 барања за надомест на штета, од кои на 1.263
барања е направена поединечна процена. Одбиени се 40 барања како некомплетни, 7 не се разгледани бидејќи се поднесени од ДООЕЛ-и, а 5 барања се препратени во други општини, каде што припаѓаат катастарските парцели“, истакна Северкоски.

Тој напомена дека збирниот извештај од процената на штетите ќе биде испратен
до второстепената владина комисија. После добивањето на одговорот од
Владата, Советот на Општина Прилеп ќе донесе одлука за сумата со која ќе бидат
обештетени земјоделците.

Инаку, ова е прв случај кога една општина одделува буџетски средства за
надомест на штета настаната на земјоделски производи, иако на тоа не е законски
обврзана.