Прилепските основни и средни училишта подготвени за изведување на настава со физичко присуство на учениците

default

Градоначалникот Илија Јованоски и министерката за образование и наука, Мила
Царовска, денеска извршија увид во реконструкцијата на Гимназијата „Мирче
Ацев“, како и во изградбата на спортската сала во ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“.
Во својата изјава за медиумите, градоначалникот Јованоски истакна дека преку
проектот на МОН „Изградба и опремување на 145 училишни спортски сали и
реконструкција на средни и основни училишта“, се врши комплетна
рехабилитација на прозорци, фасада, санитарии и подови во Гимназијата „Мирче
Ацев“, а дека со одличен интензитет се одвиваат градежните работи и на
спортската сала во ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“.

„После 60 години од основањето на ООУ ‘Кире Гаврилоски-Јане’, учениците
конечно ќе можат наставата по физичко образование да ја изведуваат во
современа сала, опремена со сите неопходни спортски реквизити. Извршена е реконструкција на речиси сите училишта, а набавивме ИТ опрема во висина од 25 милиони денари, како 11 милиони денари за нагледни средства за учениците од прво до четврто одделение. Сето тоа е на задоволство на наставничкиот кадар, но пред се’ на учениците и можам да кажам дека сите училишта се спремни за почеток на наставата во новата учебна година на први септември, со физичко присуство на учениците“, рече градоначалникот Јованоски.

Министерката Царовска рече дека се’ додека епидемиолошката состојба тоа го
дозволува, односно се’ додека Комисијата за заразни болести не донесе поинаква
одлука, наставата во новата учебна година ќе се изведува со физичко присуство,
за што прилепските основни и средни училишта се целосно подготвени.

„Сите оние кои беа скептици дека новата програма ќе може да се имплементира,
дека училиштата ќе се подготват со целата техника и нагледни средства кои им се
потребни, денеска се сведоци дека тоа се случува и дека на тој начин директно
инвестираме во подобра иднина на нашата држава. Ако нашите ученици со новата програма ги научиме да истражуваат, да учат, да размислуваат и донесуваат одлуки, тогаш ние веќе сме создале многу подобри идни генерации кои ќе можат да ја поведат државата и да обезбедат побрз економски раст и развој дома“, изјави Царовска.

Кети Стевананџија, директорка на ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“, рече дека после
60 години од постоењето, училиштето конечно добива нова, модерна и
повеќенаменска фискултурна сала.

„Убаво е кога се гради нешто ново, посебно кога се гради за нашите деца, за нашите ученици. Конечно, учениците ќе можат часовите по физичко воспитување да ги реализираат во нова сала, со сите потребни реквизити. Изминатиот период целосно ја реконструиравме училишната зграда и заедно со локалната самоуправа се трудиме училиштето да го направиме подобро место за работа за вработените и учениците. Исто така, обезбедивме голем број нагледни средства, дидактички и училишни материјали, така што сите 6 училници за учениците од прво и четврто одделение се обезбедени интерактивни табли со ЛЦД проектори.
Со тоа, наставниците и учениците ќе ги реализираат своите активности за време
на часот и ќе учат по пат на експерименти, истражувања, решавања на проблеми, дискусија, односно ќе ја развиваат креативноста и критичкото размислување кај
учениците“, напомена директорката Стевананџија.

„За последните две години во Гимназијата се вложени 800.000 евра. Минатата
година со средства од МОН целосно беше реконструиран покривот на училишната
зграда, а годинава со средства на МОН во висина од 400.000 евра се врши целосна реконструкција на фасадата, дограмата, како и создавање подобри услови во внатрешноста на објектот. Со реконструкцијата, во подрумскиот дел се добиваат нови 4 простории, со што се создаваат услови за изведување на кабинетска настава. Со средства од Општина Прилеп и Министерството за животна средина се гради нова котлара на гас и нафта, прва од таков вид во нашиот град“, напомена директорот на Гимназијата „Мирче Ацев“, Диме Настоски.

Тој потенцираше дека во договор со Министерството и локалната самоуправа,
Советот на родители и училишниот одбор, заради специфичноста на градежните
активности, првите два месеца од новата учебна година во Гимназијата наставата
ќе се изведува онлајн, после што ќе се продолжи со настава со физичко присуство
на учениците.