Во Општата болница „Борка Талески“ во Прилеп, денеска беа промовирани 20-те неинвазивни вентилатори за кислородна поддршка, донација на Седрик Пахуд, сопственик на компанијата BCD Micro Technique S.A од Швајцарија која ги произведува овие апарати и прилепчанецот Дејан Аџиоски, кој живее и работи во оваа земја.
Изразувајќи ги своето задоволство од донираната опрема, градоначалникот Илија Јованоски рече дека 20-те неинвазивни вентилатори ќе бидат од огромна помош во лекувањето на хоспитализираните пациенти, и тоа не само во борбата со коронавирусот, туку ќе бидат од големо значење за болницата и после завршувањето на пандемијата.
„Станува збор за донација на нашите пријатели од Швајцарија, Седрик Пахуд, сопственик на компанијата BCD Micro Technique S.A која ги произведува овие апарати и нашиот сограѓанин Дејан Аџиоски, кој живее и работи во Швајцарија. Сакам да им се заблагодарам за нивниот несебичен однос, за хуманиот гест кој доаѓа од една земја која по карактер е хумана за целиот свет. Помошта доаѓа во моментите кога бројот на заболени од коронавирус во нашиот град е сеуште голем. Овие апарати ќе им бидат од голема корист на докторите и на целиот здравствен персонал од прилепската болница. Неинвазивните вентилатори најмногу ќе им користат на пациентите со потешка клиничка слика, односно на пациентите кои имаат потреба од кислородна поддршка“, изјави градоначалникот Јованоски.
Како што истакна Јованоски, покрај Инфективното одделение, вентилаторите ќе бидат од голема помош и за одделението за анестезиологија, одделението за интензивна нега и во Интерното одделение, во операционите сали и секаде онаму каде има потреба од механичка вентилација.
Во знак на благодарност за донацијата вредна 200.000 швајцарски франци, градоначалникот Јованоски до Седрик Пахуд и до Дејан Аџиоски упати покана да го посетат Прилеп и Општата болница, во првиот момент кога за тоа ќе се создадат услови.
Прилепчанецот Дејан Аџиоски, кој моментално живее и работи во Швајцарија и со чија заложба се реализираше донацијата, истакна дека сопственикот на швајцарската компанија BCD Micro Technique S.A, Седрик Пахуд, е хуман човек, што уште еднаш се потврди со неговата брза и несебична реакција за донирање на 20 неинвензивни апарати за кислородна поддршка за потребите на пациентите во Општата болница во Прилеп.
„Постапката за испорачување на донацијата започна во декември 2020 година и за само еден месец респираторите пристигнаа во прилепската болница. Покрај донацијата за Македонија, во тек се и донации на медицински апарати и за други земји во светот“, посочи Аџиоски.
Сопственикот на BCD Micro Technique S.A, Седрик Пахуд, заблагодарувајќи се за приемот на донираните респиратори и на соработката, посочи дека градоначалникот Јованоски има голема улога во процесот на успешно реализирање на донацијата за прилепската болница.
„Проектот за изработка на респираторите започна во месец март, 2020 година. Успеавме за многу брзо време да го пласираме производот, најпрво на пазарот во Швајцарија, а веднаш потоа и во многу други земји ширум светот. Иако апаратите за кислородна поддршка се најпотребни сега, кога голем број на заразени, борејќи се со коронавирусот се борат за здив повеќе, донираните респиратори ќе можат да бидат употребувани и после пандемијата, за потребите на сите други пациенти во одделенијата на прилепската болница. Остануваме на располагање за дополнителна обука за работа со респираторите на медицинскиот персонал во болницата, како и за следење на ситуацијата со функционирањето на целокупната опрема. Покрај донацијата во Македонија, чија вредност изнесува околу 200.000 франци, во тек се слични донации и за повеќе други држави“, истакна Пахуд.
Г-нот Пахуд потенцираше дека верува во солидарност помеѓу луѓето и во солидарност и хуманост помеѓу државите, нагласувајќи дека со радост ја прифаќа поканата на градоначалникот Јованоски и дека веднаш штом условите ќе го дозволат тоа, ќе ги посети општина Прилеп и прилепската болница.
Директорот на Општата болница „Борка Талески“, Драги Богојески, истакна дека вентилаторите ќе бидат од огромна помош во лекувањето на пациентите со потешка клиничка слика на вирусот Ковид-19, особено на оние на кои им е потребна кислородна поддршка.
„Во овие моменти, респираторите ќе бидат употребувани во Ковид – центрите во болницата, кај сите пациенти кои имаат потешкотии со дишењето и со размената со кислород. Штом заврши оваа криза, апаратите ќе најдат своја примена во одделите за интензивно лекување, во Интерното одделение, каде има пациенти со нарушени респираторни функции, како и во одделението за анестезија и реанимација, каде исто така има пациенти на кои им е потребна кислородна поддршка“, изјави Богојески.