Прилепчанецот Кирил Тодороски (22) е студент на Академијата за ветеринарна
медицина во Казан веќе трета година. Тој е прогласен за „Студент на
годината“ (2017) во Република Татарстан, во конкуренција од 786 кандидати. Во моментов е ангажиран во две организации: Лигата на студенти и Асоцијацијата на странски студенти во Казан. Работата со студентите, помошта што им ја дава организацијата на републички и федерални проекти, како што вели целосно го исполнува.
„Основно образование завршив во ОУ’Кочо Рацин’, а поради големата љубов
кон животните моето образование го продолжив во СОУ’Орде Чопела’ на
профилот- ветеринарен техничар. Бев одличен и наградуван ученик.
Отсекогаш мечтаев за поинаков живот. Едноставно сакав да го променам
местото на живеење. Како? Кога? Каде? Не знаев! Минуваа и последните
месеци од средното образование. Секојдневно размислував за тоа, како да
излезам надвор од Македонија и каде да го продолжам моето образование.
Почнав да истражувам на интернет. Барав стипендии. Таму беше и конкурсот
за доделување на стипендии од страна на Владата на Руската Федерација.
Никогаш не помислив дека моето образование можам да го продолжам во
Русија. Ги подготвив потребните документи и аплицирав. Бидејќи ги исполнував
сите услови, бев сигурен дека ќе ја добијам стипендијата“, раскажува Кирил.
Признанието „Студент на годината“ (2017) добиено во конкуренција од 786
кандидати вели дека му е голем поттик за во иднина.
„Портфолиото го оценуваат истакнати личности од областа во која се
натпреварувавме. Во мојата номинација имаше 10 полуфиналисти. Потребно
беше да се направи презентација за себе, да се покаже со што се занимавам,
на какви натпревари сум победил, форуми, семинари и слично. Жирито беше
пријатно изненадено од мојата презентација. На 5 февруари годинава беа
прикажани сите наши достигнувања и беа наградени најдобрите во цела
република. Еден од нив бев и јас. Станав најдобар странски студент на
годината за 2017 во Република Татарстан. Оваа награда е моето најголемо
достигнување“, вели Тодороски.
Тој веќе четврта година ја претставува Македонија пред руската и странската
публика, а многумина од нив се запознале со нашата култура и традиција. Во
Република Татарстан студираат околу 10.000 странски студенти, од кои 8.000
се во гавниот град. Оваа година Тодороски ќе учествува на федералниот
конкурс за „Студент на годината“ за 2018 год.