Од 12 до 15 јули, Прилеп по 16-ти пат ќе биде домаќин на најголемиот фестивал на пивото и скарата не само во Македонија, туку и на пошироките балкански простори, „Пивофест 2018“. Различните брендирани видови пиво, прочуената прилепска скара и богатата музичка понуда, се најголемите причини поради кои во четирите денови на траење на фестивалот, Прилеп ќе биде главниот центар на забавата во нашата држава.
На денешната прес конференција, градоначалникот Илија Јованоски ја потврди подготвеноста на градот за почеток на годинешното издание на „Пивофест“. Тој упати покана до граѓаните на Прилеп, но и до останатите жители на градовите и населените места од нашата држава, да ја посетат оваа манифестација и да уживаат во богатата понуда на пиво, скара и добра забава.
„Сакаме, можеме и знаеме тоа да го направиме. Оваа година склучивме Меморандум за соработка со агенцијата ‘Ентфинити’, која што ќе ја преземе организацијата на годинешниот фестивал на пивото. Како Општина, ние ќе бидеме нивна логистика и поддржувачи, затоа што освен како културна манифестација, Прилеп ќе биде туристичка дестинација тие четири денови, сите патишта во Република Македонија ќе водат кон Прилеп. За оваа манифестација, Советот на Општина Прилеп од општинскиот буџет оддвои 2.5 милиона денари. Како Општина, целосно сме подготвени за одржување на фестивалот на пивото. Надлежните служби вчера имаа координативен состанок, на кој ги синхронизираа активностите со цел да се обезбедат сите потребни аспекти: квалитетна храна, хигиена, инсталации за вода и струја за штандовите. Во тие денови, Територијалната противпожарната единица, Полициската станица, Итната медицинска помош, ќе бидат перманентно присутни 24 часа во текот на денот. ЈП ПУП ќе се грижи за паркирањето на возилата, кое наместо досегашните 100 денари, оваа година ќе биде 50 денари за еден ден“, истакна градоначалникот Јованоски.
И оваа година на Паркот на револуцијата ќе биде организирано кампување за посетителите од другите градови, за кои ќе бидат обезбедени топли напитоци и супа, а ЈКП „Комуналец“ ќе постави туш кабини.
Дарко Манасијески, кој е управител на „Ентфинити“, агенцијата која е организатор на „Пивофест 2018“, рече дека годинешната програма е прилагодена за сите посетители, независно од нивната возраст и музички афинитети. Посетителите ќе можат да ги проследат настапите на познати музички имиња од Македонија и од странство, меѓу кои и на Жељко Јоксимовиќ, Шабан Шаулиќ, ди џеј Мозел, Ван Гог, Црвена Јабука, Кирил Џајковски, Милица Тодоровиќ, Џенан Лончаревиќ, Дарио, Тони Зен и други.
„Како организатори, смисливме стратегија како би направиле, понудиле музичка програма од четврток до недела, за сите посетители од 7 до 77 години. Сметаме дека оваа програма е достојна за сите генерации, очекуваме голема посетеност и веруваме дека се’ ќе помине во најдобар ред. Како што кажа и градоначалникот, имаме одлична соработка со општинските служби, засега се’ функционира според предвидениот план“, истакна Манасијески.
Како и претходните години, „Пивофест 2018“ ќе се одржи во центарот на градот, на 29 локации со вкупна површина од 4.176 м2.