Прилеп по 17-ти пат им оддаде почит на хероите од Карпалак

Прилеп и Македонија по 17 пат им оддадоа почит на хероите, на десеттемина
прилепски бранители, Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Веби Рушидоски,
Горан Миноски, Бранко Секулоски, Љубе Грујоски, Ердован Шабаноски,
Марко Депотоски, Пеце Секулоски и Дарко Вељаноски, припадници на
резервниот состав на АРМ, кои кобното утро на 8 август 2001 година кај
месноста Карпалак, на патот Скопје – Тетово ги положија своите животи на
браникот на слободата, во одбрана на интегритетот и суверенитетот на
Република Македонија.

Изутрината делегација од Владата на Република Македонија, од Општина
Прилеп, од здруженијата на бранители, семејствата и граѓани положија свежи
цвеќиња оддавајќи им почит на загинатите бранители на местото на
убиството.

Градоначалникот Илија Јованоски, претседателот на Советот, Миле Талевски
и членови на Советот на Општина Прилеп, положија свежи цвеќиња и почит
им оддадоа на загинатите бранители на нивните вечни почивалишта, а потоа
присуствуваа на панихидата за загинатите во црквата „Света Петка“.

Делегации од кабинетот на Претседателот на Република Македонија, Собранието на РМ и Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ, положија свежи цвеќиња пред спомен плочата во центарот на градот Прилеп. Делегација предводена од градоначалникот Илија Јованоски, од претседателот на Советот, Миле Талевски, од здруженијата: Карпалак, Прилепски бранители, Здружението на резервни обврзници, учесници во настаните од 2001 и 2002 година, бројни здруженија на бранители од многу градови во Македонија, од општинската организација на Сојузот на борци се
поклонија и почит им одадоа на прилепски херои од современата историја на
Македонија.

Пред спомен плочата се поклонија семејствата на загинатите бранители,
полагајќи венци и свежи цвеќиња.

Градоначалникот Илија Јованоски, во своето обраќање пред присутните
оддавајќи им почит на загинатите бранители порача:

„Десетмината бранители, кога и беа потребни на државата, застанаа храбро
на браникот на слободата, ги положија животите, ја вградија саможртвата во иднината на оваа земја. Овде, пред спомен плочата, пред споменикот „Карпалак“ како паметник и потсетник за нивното дело, за влогот и загубата на нивните семејства, на градот и државата, заедно да застанеме на страната на иднината, против сите темнини, зла и несреќи што со себе, ги носат воените конфликти. Оваа колективна жртва на Прилеп од 2001-ва, нека биде опомена и порака, со преговори и во мир и слобода да ги решаваме сите отворени прашања на патот на политичката битка, по кој што чекориме и денес.Како народ судбоносно сме исправени пред искушенија, и постојано пред нови битки.Но, целта ни е трасирана и веќе чекориме кон НАТО и Европската Унија. Да ги тргнеме заканите и злото, да го направиме последниот исчекор што ќе значи заокружување на вековната битка што ја води државата, за да се вгради во сите современи европски текови, за да биде рамноправна членка на европското семејство“, порача градоначалникот Јованоски.

Пред спомен плочата цвеќиња положија и делегации од: ЈКП „Водовод и
канализација“, ЈКП „Комуналец“, ЈКП „Пазари“, ЈП за ПУП од Прилеп.

Меѓу бројните беа и делегациите од политичките партии: ОО на СДСМ, на
НСДП, ВМРО-Народна партија, ОК на ВМРО-ДПМНЕ, ИК на ВМРО-
ДПМНЕ, Социјалистичка партија, Нова либерална партија, Локалниот клуб
на млади од СДСМ, како и на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ од
Прилеп.