Прилеп ја одбележа 66 годишнината од смртта на Методија Андонов-Ченто

Делегација на Општина Прилеп и Советот на Општина Прилеп предводена од градоначалникот Борче Јовчески, како и делегации од политичките партии, денеска положија свежо цвеќе пред споменикот на Методија Андонов-Ченто во центарот на градот. Оддавањето почит пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, е по повод одбележувањето на 66-годишнината од неговата смрт.

Методија Андонов – Ченто е македонски национален борец, деец, политичар и прв претседател на Президиумот на АСНОМ. Роден е во Прилеп на 17 август 1902 година, а починал на 24 јули 1957 година, во својот роден град.
Долго време по неговата смрт, Ченто бил табу тема и ретко бил споменуван во книгите и учебниците, а и јавните разговори за него биле најстрого забранувани. Во 1990 година, по осамостојувањето на Македонија, на барање на неговиот син Илија Андонов – Ченто, судот ја повторил кривичната постапка против Ченто, при што одлуката на судот од 1946 година била укината. Постхумно е одликуван со “Орден на Република Македонија”, признание кое го имаат само поранешните претседатели на Македонија.
Така завршува епопејата за еден од најголемите борци за македонско национално единство, осудуван и прогонуван за неговиот вечен идеал и стремеж за самостојна и независна држава.
Нека му е вечна слава!