Прилеп го одбележа Денот на Републиката – 2 Август

Со положување на цвеќе на Могилата на непобедените, Алејата на народните херои и на споменикот „Жена борец“, како и пред спомениците на Методија Андонов-Ченто, Кузман Јосифоски-Питу, Ѓорче Петров и Пере Тошев, Општина Прилеп ги одбележа 117-годишнината од Илинденското востание и 76-годишнината од Првото заседание на АСНОМ.

Делегации на Општина Прилеп и општинскиот Совет, предводени од градоначалникот Илија Јованоски и претседателот на Совет, Миле Талевски, на Сојузот на борци и политички партии, им оддадоа почит на илјадниците борци и револуционери, кои со својата жртва ги поставија темелите на македонската држава.

Во своето обраќање, градоначалникот Јованоски рече дека со одбележувањето на двата датума, се искажува почит кон сите паднати комити и борци, кои своите животи ги вградиле во темелите на денешната држава.

„Со одбележувањето на овие два светли датуми, испраќаме порака и изразуваме почит кон сите паднати комити, борци и револуционери кои ги дадоа своите животи и ги остварија идеалите на нашите предци за денешната слобода, за независна и самостојна држава. Станавме 30-та земја членка на НАТО, со што ја обезбедивме сигурноста и безбедноста на нашата земја, а со брзи чекори се движиме кон ЕУ. Нека ни е честит и вековит Илинден!“, истакна градоначалникот Јованоски.

„Во Втората светска војна под водство на Комунистичката партија, прв пат се обедини нашиот народ и се вклопи во антифашистичката борба против окупаторот, борејќи се за национална слобода, правда и создавање своја држава. Тие ги поставија темелите на таа држава и од 1944 година до денеска, имаме држава која се развивала со сите свои структури и институции, имаме држава со ‘матурирана’ нација“, нагласи Љупчо Попоски, од општинската организација на Сојузот на борци – Прилеп.