Министерката Мила Царовска при денешната посета на Прилеп, истакна дека токму Општина Прилеп е европски модел, кој практицира практична поддршка на граѓаните, модел којшто нуди социјални услуги на сите граѓани подеднакво.
Имено, Прилеп е единствен град во Македонија, по Скопје во којшто наскоро ќе биде отворен Дневен центар за лица со церебрална парализа. Подготовките се приведени речиси до крајот. Така што деновиве граѓаните со церебрална парализа, практично во овие реновирани општински простории, што се наоѓаат во населба Старо Корзо ќе се рехабилитираат, анимираат и социјализираат, а во редот на вработените, ќе бидат и родители на деца со церебрална парализа.
„Во тек се завршните градежни работи, но и работите околу набавката на опремата. Заврши огласот за вработување на стручните кадри, Како што напомнав и порано, овде ќе работат и родители на децата со церебрална парализа. Со отворање на овој центар за надевам дека лицата ќе ги добијат сите потребни услови за нивен адекватен дневен престој и анимација. Се надевам дека по 30 септември ќе ни бидат на располагање повеќе фондови од ЕУ, и дека можеби ќе направиме проширување на капацитетите за овие лица со посебни потреби и лицата со церебрална парализа. Во секој случај убеден сум дека Прилеп е прв град по главниот град –Скопје, во којшто се отвора центар за рехабилитација и едукација на лица со детска парализа“, рече градоначалникот Илија Јованоски, при денешната посета на новоизградениот Дневен центар во Прилеп, заедно со минисерката Мила Царовска и претставници на локалната власт.
Министерката Царовска изрази задоволство од досегашната реализација на Општина Прилеп, за толку краток период од доаѓање на новата власт. Како што рече Царовска, само за 10 месеци во Прилеп е отворена една детска градинка, за 15 -20 дена ќе биде отворен Дневен центар за детска парализа, во подготовка се активности за нова градинка. А, веќе се работи и на отворање на нова градинка во Кривогаштани.
„Денеска сум во посета на Прилеп, на средба со градоначалникот, со пратениците, со граѓанските организации. Навистина ми е драго, што во изминатиот период отворивме градинка и ја ставивме во функција. И сега за 15-20 дена отвараме центар за лица со церебрална парализа, и сето тоа го направивме за околу една година. И со тоа создаваме услуги на локално ниво, со кои покажуваме дека се грижиме за граѓаните. И ако ме прашате што значи Европа? Европа значи токму тоа! Значи дека институциите им служат на сите граѓани подеднакво, значат фондови за социјални услуги на локално ниво, коишто ќе ги поддржат граѓаните во секојдневното живеење, значат создавање услови во кои, родителите додека се на работа, децата се во предучилиштна образование и добиваат еднаков старт, и оние од руралната и оние од градската средина. Затоа во Прилеп, во град изградивме градинка, но во периодов се гради градинка и во Кривогаштани, до крајот на годината и таа ќе биде стартувана. Значи рамномерниот регионален развој, значи исто така Европа. Затоа ги повикувам сите граѓани на 30 септември да излезат и сите заедно, да кажеме ‘ДА’, за европска Македонија“, порача министерката Царовска, попладнево од Прилеп.
Дневниот центар за деца со церебрална парализа е една од формите за поддршка на граѓаните со хендикеп на локално ниво, смета Елена Кочоска, од „Полио плус движењето против хендикеп“. Како што рече Кочоска, ја радува фактот што Прилеп, продолжува да биде пример за останатите општини, за тоа како треба да се работи на локално ниво.
„Имајќи предвид дека е многу инвестирано, вложено на локално ниво, токму во поглед на градење разни сервиси за поддршка, како дневните центри. Но и како што најави градоначалникот, ќе се работи и на доекипирање на персоналот и на активно вклучување, не само на родителите на лицата со хендикеп, туку и на самите лица со хендикеп. Со што, се надевам дека ќе ја заокружиме приказата, за тоа како треба, сите чинители да работат, а се во корист на сите граѓани, со или без хендикеп“, изјави Елена Кочоска, од „Полио плус движење против хендикеп“.
Дневниот центар за лица со церебрална парализа е проект што ќе заврши наскоро. Според најавите ќе биде отворен во текот на месецов. Овој е проект од изборната програма на градоначалникот Илија Јованоски.
Неговата грижа за социјално загрозените семејства, за граѓаните со хендикеп продолжува. Тој заедно со својот тим, работи и на други проекти, коишто треба да го подобрат квалитетот на животот на разни категории граѓани. Европски Прилеп со заложбите на Јованоски, на новата локална гарнитура и претседателот на Советот на Општина Прилеп, Миле Талевски, како и со максимална поддршка од Министерството за труд и социјална политика, веке ги покажуваат ефектите само за 10 месеци, до доаѓање на новата гарнитура.