Градоначалникот Илија Јованоски присуствуваше на меѓународната полициска средба организирана од невладината организација „ИПА регион Прилеп“, која се одржа за прв пат во Прилеп синоќа во хотелот „Сонце Га“. На средбата присуствуваа полициски делегации од околу десетина држави, а целта на настанот беше „Заедно против дрогата“. Општина Прилеп ќе биде дел од проектот во кој ќе бидат опфатени основните и средните училишта, а вториот дел е збратимување на ИПА регионот Македонија – Прилеп, заедно со ИПА регионот Загреб од Хрватска.
„Вечерва присуствуваме на Меѓународна полициска средба, која за прв пат се одржува во Прилеп. Борбата против дрогата продолжува, а јас како градоначалник на Општина Прилеп секогаш ја поддржувам оваа акција. Оваа асоцијација во Прилеп работи веќе неколку години. На вечерашната манифестација се збратимуваат асоцијацијата од Прилеп со Загреб. Ова е вистинско задоволство за мене, бидејќи Прилеп влегува во меѓународни рамки во борба против дрогата“, истакна градоначалникот Јованоски.
„Активно работиме веќе седум години и активно ги собираме искуствата од соседните држави од колегите од другите региони. Имаме остварено повеќе средби во Италија, Франција, Холандија, Белгија… Имавме размена на наши полициски службеници кои заминаа во Германија, од Германија беа тука кај нас, со Полска исто така имаме добра соработка, но со соседите од овие балкански простори навистина имаме супер соработка. Имавме голема желба и ние како дел од светската организација да направиме, нешто кое што ќе биде запаметено и сакам да се заблагодарам на тимот околу мене, без нив ова немаше да се оствари. Првата ИПА меѓународна средба е во Прилеп и освен збратимувањето што е почеток на проект со Локалната самоуправа, проект кој е од големо значење за граѓаните. Во проектот под мотото „Заедно против дрогата“, а се вклучени сите средни и основни училишта. Со ова сакаме да покажеме дека освен нашите полициски ангажмани заедно со граѓаните и родителите ќе им помогнеме на младите генерации од се оттргнат од злото на денешницата“, вели Зоран Велкоски,претседател на секторот ИПА за Прилеп.
Гостите од соседството посочија дека со дрогата се справуваат заеднички. Меѓусебната комуникација, споделувањето на искуствата и секако нивната активност и посветеност придонесуваат да се надминат голем број случаи поврзани токму со трговијата на дрога.
„Најголем криминал во Хрватска е државниот криминал и корупција, а потоа доаѓа дрогата. Дрогата ја решаваме со зедничкиот проект преку ИПА, во соработка со соедните земји и регионалните клубови. Соработка се состои од добиените информации преку проектот ИПА, интернационална полициска асоцијација и преку нашите службени оддели“, истакна Дарко Минковиќ,претседател на ИПА од Загреб.
„Имаме многу проблеми со кои се соочуваме во Србија, но најголем проблем е семејното насилство и мигрантите. Исто како и вие и ние сме на патот за влез во Европска унија и гледаме тоа да го решиме на најбезболен начин. Јас доаѓам од Суботица, таа е на граница со Унгарија и директно сме поврзани со мигрантската криза. Секојдневно се соочуваме со нив, но имаме камп каде мигрантите се обезбедени со храна, престој, услови за хигиена. Дрога има, но ја запленуваме секојдневно. На годишно ниво сме некаде на врвот во државата“, истакна Александар Рајновиќ,од Суботица, Србија.
Претседателот на ИПА во Македонија, Робертино Ацески посочи дека „ИПА Македонија“ е невладина организација на светско ниво. Почетоците на оваа дружење започнуваат од Прилеп, Ботола и Охрид во 2011 кога е и создадена „ИПА Македонија“.
„Од 2014 година сме полноправни членови на светската асоцијација со помош на нашите пријатели од Хрватска, кои беа наша спонзор секција, а денеска сме овде да ја прославиме првата меѓународна организирана средба на ИПА регион Прилеп. Досега Прилеп има остварено безброј активности и беше домаќин на многу средби и затоа сум радосен што денеска токму во Прилеп се одржува оваа меѓународна средба“, истакна Ацески.
На средбата беа доделени благодарници и дипломи за учесниците, како ветување за натамошна плодна соработка.