„Поради фактот што јавното комунално претпријатие ‘Водовод и канализација’ (ЈКП ВиК) не покренало тужби против должниците во законски рок, предизвикана е штета од приближно 100 000 евра, суми кои што можеле да се инвестираат во најмала рака во нови инвестиции“,соопшти Емил Јанески, директор на јавното претпријатие „Водовод и канализација“ од Прилеп, на денешната прес конференција.
Од јуни 2016 година до моментот на именувањето на Јанески (14.11.2017г.) на раководна функција на ЈКП „ВИК“, не биле поднесувани тужби против одредени должници.
„Значи е пропуштен законскиот рок и за нивна судска наплата. Вкупните побарувања од физички лица, заклучно со овој датум 14.11.2017. изнесуваат речиси 13,2 милиони денари. Веднаш по моето именување склучени се околу 300 договори за итна наплата на стари побарувања, а во исто време покренати се уште 700 тужби против граѓани-должници“, информираше директорот Јанески.
Општина Прилеп, Казнено поправниот дом во Прилеп (затворот), Еурокомпозит … се дел од институциите и фирми коишто, иако се финансирани со државни пари, не ги плаќале своите обврски за потрошена вода.
„Меѓу водечките фирми и институции се прилепскиот Казнено-поправен дом (затворот) со долг од околу 1,9 милиони денари, за неплатени сметки до 11/2017 година. Загубарот „Еурокомпозит“ продуцирал неплатен долг од 1,6 милиони денари. Но и Општина Прилеп со претходната власт на ВМРО – ДПМНЕ и Марјан Ристески должи неполн милион денари. Последната сума која што ја платила претходната локална власт е заклучно со јануари 2017 година, оттогаш до 14.11.2017. не е уплатен ниту еден денар. Оттука се отвараат многу прашања: Зошто биле толерирани многу физички лица, па дури и Општината во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и Марјан Ристески како правен субјект,не ги намирила своите долгови кон ЈКП „ВиК“, истакна директорот Јанески.
И покрај шпекулациите дека во Прилеп ќе се зголеми цената на водата, како што рече Јанески, всушност ќе се исполнат ветувањата на градоначалникот Илија Јованоски дадени во предизборието. Цената на водата во Прилеп ќе биде пониска, во однос на препораките од Регулаторната комисија за зголемување цената на водата.