На четвртата сесија од Форумите во заедницата, во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети“, по пат на гласање, учесниците на форумот одлучија од трите предложени проекти, приоритет да му дадат на предлог/проектот „Изградба на инклузивно детско игралиште“ во Општина Прилеп. Преку овој проект, во паркот на Могилата на непобедените, ќе започне изградба на инклузивно детско игралиште со пристапност и содржини за сите деца.
„Одлуката е донесена од причина што во Општина Прилеп нема доволно детски игралишта за деца со попреченост, или тие деца често се одвоени од другите. Во инклузивно опшество и во заедница која настојува да гради општество за сите, потребна е максимална грижа за сите граѓани, особено за децата со попреченост“, истакнаа учесниците на Форумот на зедницата во Општина Прилеп и сите го поздравија предлогот.
„Форумските сесии во рамки на програмта „Зајакнување на општинските совети“ навистина создадоа можност за вклучување голем број граѓани во одлучувањето за тоа кој ќе биде приоритетен проект, што со средства од нашите донатори ќе биде изграден, овде, во општина Прилеп. Така и се случи! Можам да кажам дека ова е навистина успешен циклус кој што го завршивме со и за граѓаните“, рече Претседателот на Советот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски.
Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески им честита на учесниците на изборот и им се заблагодари за нивниот придонес и максимален ангажман на форумските сесии.
„Проектот кој го избравте, „Инклузивно детско игралиште“, сега ќе биде наша обврска да го изградиме до крајот на оваа година, со што ќе придонесеме кон збогатување на содржините за деца во нашата општина и ќе им овозможи на сите деца да уживаат заедно во играта и забавата на отворено. Му благодарам на донаторот за изборот на нашата општина во проектот „Зајакнување на општинските совети“. Програмата Форуми во заедницата се покажа како одлична алатка за демократска одлука и соработка со граѓаните, како и носење квалитетни одлуки за потребите на заедницата. Граѓаните на Прилеп навистина знаат што им треба. Честитки!“, рече на четвртата форумска сесија градоначалникот на Прилеп, Јовчески.
Вкупниот буџет за реализација на овој проект изнесува 60 илјади долари. Од нив 80 % се средства обезбедени од донаторот, а 20% се средства кои ќе ги обезбеди Општина Прилеп. Реализацијата на проектот треба да заврши до крајот на оваа година.
Програмата „Зајакнување на општинските совети“ ја финансираат Embassy of Switzerland in North Macedonia Швајцарската влада и Министерство за локална самоуправа, а ја кофинансира и спроведува Програмата за развој на Обединетите нации UNDP MK во соработка со национални и локални партнери.