Пред почетокот на 85 часовната забрана за движење, граѓаните во најголем дел ги почитуваа мерките за заштита од пандемијата

Како и што се очекуваше, граѓаните на Прилеп денеска ги преплавија големите
маркети, месарниците, пиљарите и Градскиот пазар, со цел да се снабдат со
потребните намирници за продолжениот Велигденски викенд. Голем број
прилепчани пазареа и во маалските дуќани, а дел од граѓаните ги посетија и
црквите во градот.

Локалната самоуправа со своите волонтери, претставници на јавните претпријатија,
како и припадници на полицијата и Армијата, денеска се грижеа за одржување на
редот и физичкото растојание од 2 метра помеѓу граѓаните.

Истовремено, пред продавниците и пазарот беа делени и заштитни маски, дел од
оние 60.000 кои Општина Прилеп ги обезбеди за граѓаните, а на влезовите во
маркетите беа поставени дезинфекциони средства.

Средбата која градоначалникот Илија Јованоски во изминатите денови ја оствари
со свештени лица од црквите во градот, резултираше со позитивен ефект. Пред
сите цркви беше воспоставен ред, се делеа заштитни маски, се дезинфицираа
рацете на граѓаните, а верниците ја одржуваа препорачаната дистанца од 2 метра,
за чија цел беа поставени налепници кои го означуваа пропишаното растојание.

Сепак, и покрај сите преземени мерки, и покрај укажувањата на редарските служби,
можеше да се забележат несовесни граѓани кои не ги почитуваа препораките за
носење заштитни маски и не го одржуваа пропишаното растојание.

Денеска во 16.00 часот започна забраната за движење на целата теериторија на
државата, која ќе трае до 05.00 часот во вторник, 21 април.