Со натчовечки напори на Територијалната противпожарна единица од Прилеп, засилена со волонтери и вработени во општинските јавни претпријатија и „Македонски шуми“, како и со помошта која стигна од противпожарните единици од Битола, Крушево и Кавадарци, пожарите кои во текот на вчерашниот ден избувнаа на територијата на општина Прилеп се ставени под контрола.
Тоа денеска го соопштија градоначалникот Илија Јованоски и командирот на ТППЕ-Прилеп, Виктор Стојчески, после состанокот на Општинскиот кризен штаб, кои искажаа благодарност до сите оние кои се бореа со огнената стихија, како и до противпожаните единици од соседните општини.
„Најголемиот пожар се случи вчера во попладневните часови на Плетвар, поточно на потегот кај каменоломот, Топлица и Тројаци. Заради интензитетот на пожарот, вчера имаше прекин на сообраќајот на патниот правец Прилеп – Градско, во траење од околу 7 часови. Сакам да истакнам дека со огромен ангажман на припадниците на противпожарната единица, чија работа беше на високо ниво, беше спречено огнот да се префрли на другата страна од магистралниот пат, по што околу 23 часот патот беше пуштен за сообраќај во двата правци“, изјави градоначалникот Јованоски.
Градоначалникот истакна дека заради сериозноста на ситуацијата, првиот состанок на Општинскиот кризен штаб беше свикан доцна синоќа, при што беа дадени насоки за постапување и беше направен распоред на екипите за гаснење на пожарите. Информациите од терен, како што рече градоначалникот Јованоски, велат дека со пожарите се зафатени нискостеблести растенија, смрека, чалија и трева.
„Утрово повторно бевме на терен, на сите три места пожарот е изгаснат. Има екипи кои ја контролираат состојбата и во овој момент таа е стабилна. Членовите на кризниот штаб се во постојана комуникација со сите структури кои се излезени на терен, состојбата се следи и доколку има потреба ние сме спремни да реагираме“, потенцираше градоначалникот Јованоски.
„Вчера на 5 места имавме големи шумски пожари кои се појавија, безмалку, во разлика од 2 часа. Најголем беше пожарот на регионалниот пат Прилеп-Градско, кој мораше да биде затворен за сообраќај за да се избегнат поголеми катастрофи. Во овој момент пожарите се локализирани, некои се изгаснати, но мора да се држат под контрола заради временските неприлики, поточно силниот ветер и сувата трева, што можат да предизвикаат нивно повторно палење. Со пожарите е зафатена површина од околу 300-400 хектари, во добар дел непрооден терен, што ни создава дополнителни проблеми. Единствениот активен пожар е оној кај селото Рилево, општина Долнени, но и тој е под контрола“, нагласи командирот на ТППЕ-Прилеп, Виктор Стојчески.
Во гаснењето на пожарите учествуваа повеќе од 100 лица и 20 противпожарни возила. Во моментов не може да се кажат причините кои доведоа до нивна појава пожари, но во 99 отсто од случаите, причина е човечкиот фактор.