Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Општина Прилеп и Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип

Градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски и ректорот на
Универзитетот „Гоце Делчев“–Штип, проф. д-р Блажо Боев, во име на
институциите кои ги претставуваат, денеска потпишаа Меморандум за
соработка, со цел зајакнување на меѓусебната соработка во повеќе сфери.

Ефикасно иформирање на граѓаните и подобрување на начинот на
комуникација помеѓу јавните институции и бизнис заедницата, зајакнување на
капацитетите на двете институции преку заеднички проекти, промоција на
потенцијалите, како и утврдување на нови заеднички развојни правци во делот
на образованието и технолошкиот развој, се дел од целите и задачите коишто
се предвидуваат со Меморандумот.

Градоначалникот Јованоски, истакна благодарност до ректорот на УГД за
неговите лични заложби за поставувањето на мерната станица за
аерозагадувањето во Прилеп, која неодамна беше инсталирана во центарот на
градот.

„Прилеп беше еден од градовите во кои немаше мерна станица за загаденоста
на амбиенталниот воздух. Благодарение на заложбите на ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип“, пред околу еден месец беше поставена мерна станица, која сега е во фаза на испитување и во догледно време треба
да се калибрира, со цел да знаеме точно колкава е загаденоста на воздухот во Прилеп. За сето ова градот е особено благодарен на ректорот и на Универизтетот.“, изјави, помеѓу другото, градоначалникот Јованоски.

Ректорот Боев, го искажа своето задоволството во врска со потпишувањето на
Меморандумот и средбата со градоначалникот Јованоски, истакнувајќи дека
Прилеп е една многу важна општина во перцепциите на Универзитетот и
неговиот развој.

„Овој чекор е своевидно искажување на нашата општествена одговорност, не
само кон општина Прилеп, туку и кон сите општини во Македонија кои имаат
потреба од знаење и од зголемување на стандардот на живеење на сите
граѓаните, како и поголема информираност на граѓаните. За нас Прилеп
претставува исклучително важна средина, бидејќи таму имаме наставен центар
со неколку образовнни програми. Меморандумот вклучува соработка во
науката, истражувањето, образованието, културата и во сферата на се’ она
што значи информираност на граѓаните“, изјави ректорот Боев.