Поставен камен-темелник на земјоделско-сточарскиот комплекс „Голд Ланд“, инвестиција вредна 4.5 милиони евра

Денеска во близина на с.Славеј, беше поставен камен-темелник на земјоделско-
сточарскиот комплекс „Голд Ланд“, во чии рамки е предвидена изградба на центар
за собирање и складирање на зрнести земјоделски култури и фарма за
одгледување на стока.

На поставувањето на камен-темелникот присуствуваше и премиерот Зоран Заев,
кој заблагодарувајќи му се на амбасадорот на Германија во нашата држава, Томас
Герберих, го искажа задоволството од соработката на двете држави во сферата на
економијата и заедничките инвестиции.

„Македонско-германските инвестиции поддржани од фондови на ЕУ преку ИПАРД
програмата, преку која даночните обврзници на Германија и на другите држави од
ЕУ, на двоен начин ја поддржуваат нашата економија. Ми претставува задоволство
што ваквите инвестиции не се реализираат само во градовите, туку и во руралните
средини како овде, во село Славеј. Ова е најголема инвестиција од ИПАРД по мерката 1 и јас сум среќен што тоа денес можеме да го обзнаниме. Станува збор за еден суштински објект, значајно е што се отвора една гринфилд инвестиција, што се отвораат нови работни места. Важно е и заради тоа што инвестицијата претставува симбиоза на големото пријателство со Германија. Како што кажа и амбасадорот, нашата трговска размена ќе премине 4 милијарди евра, од кои во Германија извезуваме роба во вредност од 3 милијарди евра“, истакна премиерот Заев.

Истовремено, премиерот рече дека еден од сопствениците на инвестицијата, Арбен
Абдурахмани е пример кој треба да го следат младите – да стекнуваат искуство и
нови знаења во странство и потоа да си дојдат дома, бидејќи во нашата држава има
услови за водење бизнис.

Амбасадорот на СР Германија во нашата држава, Томас Герберих напомена дека
„Везе Шари“ е уште еден успешен пример за домашни фирми кои работат со
германски капитал.

„Арбен Абдурахмани со своите фирми кои започнувајќи со ‘Везе Шари’ ги води уште
од 2000 година, даде личен пример за тоа како искуствата стекнати во Германија,
може да бидат профитабилно искористени во Северна Македонија. Тоа не се однесува само на создавањето работни места или на проширувањето на земјоделската основа во земјата, туку и за трасирање на патот за снабдување со енергија врз основа на обновливи извори. Мојата последна посета на ‘Везе Шари’ ме воодушеви, бидејќи можев да видам колку добро функционира циркуларната економија и како со метан може да се произведе еколошка енергија“, изјави амбасадорот Герберих.

Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски истакна дека новата инвестиција е
доказ за посветеноста на Владата и Општината во зајакнувањето на
институционалните капацитети, потребни за реализација на проекти од ЕУ
фондовите.

„Важно е што ваквите инвестиции се прават во рурална средина каде ќе влијаат на
поттикнување на економската активност, рурален развој и зголемување на
можностите за вработување во регионот. Тука сакам да истакнам дека Општина
Прилеп посветено работи на полето на ефикасното користење на ЕУ фондовите, а во насока на подобрување на стопанството, инфраструктурата, земјоделието, здравата животна средина и јавните услуги. Во последните две години на овие проекти Општината има изработено и добиено околу 2 милиони евра, што секако кажува за спремноста и капацитетите за поддржување и имплементирање проекти од ЕУ фондовите. Со проект поддржан од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Општина Прилеп во овој момент изработува урбанистички планови за 32 села во нашата општина. Со овие планови создаваме услови за инвестиции и користењето на ИПАРД средства од страна на земјоделците и потенцијалните инвеститори во руралните средини“, потенцираше
градоначалникот Јованоски.

„Уште кога го напуштив родниот крај пред многу години, целта ми беше да се
вратам и да продолжам со бизнис. Тргнувајќи од моето лично искуство, сакам да
упатам порака до сите наши сограѓани, во и надвор од државата, дека во нашата
земја постојат можности за водење на успешен бизнис. Нас како компанија не’
радува фактот што со ‘Голд Ланд’ ќе ги зголемиме постоечките капацитети и што ќе обезбедиме суровини за потребите на групацијата ‘Везе Шари’. Ова е наш мал придонес како инвеститори да ја донесеме Европа овде кај нас, со изградба на земјоделско-сточарскиот комплекс во кој во моментов се произведуваат примарни земјоделски производи, како зрнеста храна и силажа“, рече во своето обраќање сопственикот на „Везе Шари“ и инвеститор во „Голд Ланд“, Арбен Абдурахмани.

На поставувањето на камен-темелникот свои обраќања имаа и инвеститорот од
Германија, Херман Семилер, заменик премиерот задолжен за европски прашања,
Бујар Османи, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан
Димковски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството
и руралниот развој, Никола Бабовски.