За само неколку денови, ЈКП „Водовод и канализација“ изработи нова канализациона линија во должина од 150 метри, со што во колекторскиот систем на јавното претпријатие за прв пат се вклучени 6 куќи од УЗ „Варош“.
„Станува збор за улицата ‘Орде Чопела’ од број 1 до 11. И во наредниот период со силно темпо ќе продолжиме да ги решаваме проблемите на граѓаните. Имаме изработено план за сите месни заедници. Од понеделник почнуваме да работиме на улиците ‘Републиканска’, ‘Октомвриска’ и ‘Савска’, во населбата ‘Сточен пазар’, потоа кај социјалните бараки во наслбата Варош и на повеќе други локации во градот“, истакна директорот на ЈКП „Водовод и канализација“, Емил Јанески.
Жителите од овој дел на УЗ Варош, не го кријат задоволството што после повеќе од 6 децении, конечно локалната власт имала разбирање за нивниот проблем.
„Задоволни сме, бидејќи уште од 1957 година се боревме да добиеме канализација. Досега бевме со септички јами, многу пати се обраќавме до Општината, но се’ досега никој ништо не преземаше. Бевме на состанок на месна заедница, на директорот на јавното претпријатие Емил Јанески му го кажавме проблемот и во рок од неколку денови беше спроведена канализацијата“, вели Вера Присаѓанец, жител на улицата „Орде Чопела“ во прилепската населба Варош.
Од ЈКП „Водовод и канализација“ велат дека останува во канализационата мрежа да се поврзат уште неколку куќи од улица „Пчиња“ од УЗ „Гоце Делчев“, со што целиот град ќе биде покриен со канализација.