„Чекор по чекор ги решаваме комуналните проблеми на граѓаните на општина Прилеп. Денеска сме во урбаната заедница ‘Сточен пазар’, на улица ‘Бистра планина’, каде во тек е изградба на канализационата мрежа, после што ќе се работи на промена на водоводната мрежа, за да на крај улицата биде асфалтирана“, изјави градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски за време на денешниот увид во градежните работи на канализационата мрежа, кои ги изведува ЈКП „Водовод и канализација“ – Прилеп.
Градоначалникот Јованоски рече дека освен што го исполнува ветувањето кое им го дал на жителите од оваа населба, со изградбата на канализационата мрежа се исправа една голема неправда и им се овозможуваат елементарните услови за живот на граѓаните од урбаната заедница „Сточен пазар“.
„Но овде нема да застанеме, ќе продолжиме со изградба на инфраструктурата во сите делови во нашата општина. Се’ ќе направиме за да до крајот на оваа година во целост ја исполниме зацртаната програма, а со почетокот на новата година ќе започнеме со решавање на инфраструктурните проблеми на граѓаните од останатите населби во градот и населените места“, истакна Јованоски.
Директорот на ЈКП „Водовод и канализација“, Емил Јанески напомена дека јавното претпријатие има за цел во секој урбан дел од градот да спроведе канализациона мрежа и секое семејство да биде приклучено на главниот колектор.
„Во овој момент на улица ‘Бистра планина’ спроведуваме канализациона мрежа во должина од над 400 метри со поставување цевки со дијаметар Ф-400. Понатаму, заради прифаќање на сите домаќинства од оваа улица, ќе спроведеме канализација уште околу 200 метра, со цевки Ф-200. Во исто време привршуваме со канализационата мрежа на ‘Јоска Јорданоски’, завршивме на ‘Гога Димитриоски’ и ‘Браќа Шукуроски’ во населбата Варош. Како што рече и градоначалникот, после завршувањето на овие градежни зафати ќе извршиме промена на водоводната мрежа. Ќе ги замениме старите азбестни со нови полиетиленски цевки, после што во соработка со Општината ќе може да почнеме со асфалтирање“, потенцираше Јанески.
Жителите од овој дел на улицата „Бистра планина“ се благодарни на локалната самоуправа и градоначалникот Јованоски, бидејќи после 50 години откако е формирана населбата, сега за прв пат се поставува канализација.
„Во оваа населба околу 50 години живеевме без канализација, немаше ниту фекална ниту атмосферска. Во населбата има уште две неасфалтирани улици и верувам дека за скоро време ќе биде завршена и таа работа, односно и тие улици ќ бидат асфалтирани“, истакна Зоре Синадиноски, претседател на урбаната заедница „Сточен пазар“.