После цели 16 години, Општинското основно музичко училиште „Ордан Михајлоски – Оцка“ од Прилеп, набави ново пијанино. Како што изјави директорката на ова училиште, Славица Конеска – Темелкоска, станува збор за пијанино од австриската фирма “FEURICH“ , кое е со висок квалитет и кое ги задоволува сите неопходни стандарди за во училница, така и за пошироко концертирање. Инструментот е набавен со донаторски средства и со средства од буџетот на музичкото училиште.
„Повеќе од 16 години не беше обновен инструментариумот на пијанината. На нашата донаторска сметка имавме донација од 2.000 фунти, кои нашите сограѓанки Александра Гаралоска и Весна Јосифоска пред неколку години успешно ја реализираа. Тие ја извозија велосипедската тура од Загреб до Прилеп, поминувајќи притоа 1.200 км. Оваа донаторска акција имаше за цел да се подигне свеста како кај обичните луѓе, така и кај големите компании, да донираат, да бидат општествено одговорни во музиката и во сите други уметности. Оттука, започнавме со процедурата за тендерска постапка. Со парите од донацијата и со наши средства решивме да го купиме новото пијанино, кое ќе ги задоволува потребите на нашите ученици. Тендерот го доби фирмата “Пијано Центре“, кои ни го испорачаа ова квалитетно пијанино од фирмата ““FEURICH“ од Виена, Австрија. Пијаниното ги поседува сите потребни стандарди, како во училница така и за пошироко концертирање. Морам да посочам дека неговата механика дозволува опсег од деликатно пијанисимо се’ до импресивно фортисимо“, посочи директорката Славица Конеска-Темелкоска.
Основното музичко училиште „Ордан Михајлоски – Оцка“ од Прилеп е едно од најдобрите во Македонија. Досегашната работа на наставниците и учениците покажала бројни успеси и постигнати резултати. За пролетниот дел се најавуваат голем број на општински, државни и меѓународни натпревари, како и семинари, концерти и гостувања.