После јавните реакции и гласно искажаното незадоволство на тутунопроизводителите, денеска градоначалникот Борче Јовчески се упати пред откупен пункт за тутун во с. Канатларци. Целта на посетата како што кажа градоначалникот Јовчески е да упати поддршка за тутунарите, но и преку конкретни чекори на делување во доменот на своите надлежности како локална самоуправа, да им излезе во пресрет на тутунарите.
Како што кажа градоначалникот се работи за судбини на луѓе и за егзистенција на цели фамилии.
„Јас како градоначалник на Општина Прилеп, заедно со другите градоначалници од регионот и пратениците ќе поднесиме до собранието предлози за измени во законот за тутун со цел да се забрани неконтролираниот увоз на тутун од странство се додека не се откупи целосно домашното производство на тутун“,рече градоначалникот Јовчески. Исто така земјоделскиот инспекторат повеќе да се ангажира и да ја согледа реалната ситуација на терен во корист на тутунопроизводителите, дополни градоначалникот.
Просечната откупна цена која што е околу 180 денари а треба да достигни до 230 денари според реалниот квалитет на тутунот е загрижувачка.
Незаинтересираноста на државата и надлежните институции во однос на тутунарите како што кажа еден од присутните е до таа мера што никој не се интересира и не ги прашува како оди откупот, просечната цена, и дали можат да ги покријат основните трошоци. Освен како што истакнаа, градоначалникот Јовчески е првиот што јасно и гласно го искажал својот став и конкретните мерки што ќе ги направи се со цел да им се помогни на тутунарите и да им се вреднува трудот кој што го вложуваат во една од најголемите земјоделски гранки во регионов и државата.