Поради сериозни дефекти денеска автобусите наменети за јавен превоз во Прилеп не се во фукција. ЈП за ПУП им се извинува на граѓаните, затоа што јавниот превоз денеска беше вон функција.
„Работиме на отстранување на дефектите, така што веќе утре во функција ќе бидат ставени два автобуса коишто ќе сообраќаат во одредени делови од градот“, информираат од ЈП за ПУП.
Од таму истакнуваат дека јавното претпријатија се соочува со сериозни проблеми, бидејќи возниот парк е во катастрофална состојба.
„Ова е тоа што го наследивме од претходната власт. Набавиле и купувале автобуси стари и по 20 години, поточно веќе амортизирани возила. Речиси 70% од возниот парк што го наследивме е во неисправна состојба. Во нашето претпријатие по систематизација претходниците предвиделе еден мајстор механичар, значи премалку кадар за отстранување на пречестите дефекти. А, воедно не располагаме ниту со гаража за сервис на истите возила. Само 4 од вкупно 10 автобуси за градски превоз, беа во возна состојба, но со одредени механичко- технички проблеми“, појаснуваат од ЈП за ПУП.
Со доаѓањето на новата локална власт, на иницијатива на г радоначалникот Илија Јованоски Советот на Општина Прилеп, донесе Одлука за набавка на нови автобуси. Од ЈП за ПУП, истакнуваат дека се вложуваат максимални напори за да се излезе пресрет на барањата на граѓаните.