„Поезија на пат“ – Струшките вечери на поезијата денеска во Прилеп

Дел од учесниците – поети на годинешните Струшки вечери на поезијата, ја
посетија Општина Прилеп и остварија средба со секретарот на Општина
Прилеп, Александра Кокароска. Кокароска им посака добредојде и добар
престој посочувајќи дека, поезијата е мост меѓу човекот и универзумот, а токму
во духот на убавата поетска традиција живее и твори и градот под Марковите
Кули.


Германската поетеса и прозна авторка, Ања Кампман и Ирене Гајрауд, поетеса
од Франција се поетите чии стихови ќе бидат презентирани во Небрегово во
спомен домот на Блаже Конески. Гостите ќе го посетат и манастирскиот
комплекс „Трескавец“, а во Прилеп во 17.00 часот пред платото под Градскиот
Саат, прилепската публика ќе има можност да ужива во нивните прекрасни
литературни стихови.

Струшките вечери на поезијата е најстариот меѓународен поетски фестивал во
нашата држава. Годинешните Струшки вечери на поезијата започнаа на 21
август, со Програма составена од 52 настана и учество на 32 странски и 30
домашни поети.