Во ЈОУ детски градинки „Наша иднина“, се работи на надминување на
наследените проблеми, пред се’ отворање нови капацитети за згрижување на
децата, подобрување на условите во постојните објекти и социјализирање и
едуцирање на децата. Во таа насока е и реализацијата на проектот за засадување
елки, смреки и разни видови цвеќиња, со што ќе се подобри изгледот на
градинките, а со донација од 2.000 евра, во градинката „Бончејца“ е сменета дел
од дограмата.
„Во градинката ‘Бончејца’ започнавме со култивирање на дел од тревните
површини. Правиме мала градина со засадување јагоди и други култури, која ќе
служи исклучиво за едукација на дечињата, кои од најрана возраст ќе се
запознаваат со процесот на одгледување на земјоделски култури. Слична
ботаничка градина од помал обем подготвуваме и во градинката ‘Гоце Делчев’, а
во градинката во објектот од поранешниот работнички универзитет подготвени се
нови парковски површини“, изјави Орце Тодоровски, в.д. директор на ЈОУ „Наша
иднина“.
Тој истакна дека со отворањето на градинката „Рампо Левката“, листата на
чекање се намали за 100 деца, така што потребите се за нови објекти за 400 деца
од предшколска возраст. Со заедничка заложба со градоначалникот Илија
Јованоски, се работи на подготовка на техничка документација за отворање на
уште две градинки, во населбата „Точила“ и во Тутунски Комбинат.
Тодоровски ги демантираше лажните вести што ги шират одредени медиуми и
опозициски партии, за наводната партиска распределба на местата во градинките.Според зборовите на в.д. директорот, станува збор за класична манипулација со чувствата на граѓаните, бидејќи во ЈОУ „Наша иднина“ се работи исклучиво во интерес на децата, преку подобрување на условите за нивниот престој во градинките.