Подолг временски период, населението кое живее на улиците „Методија Патчев“ и
„Борка Талески“ во урбаната заедница „Рид“, особено жителите кои живеат во
највисокиот дел на урбаната заедница, се жалеа на проблеми со
водоснабдувањето. Од тие причини, првиот човек на ЈКП „Водовод и
канализација“, Емил Јанески, денеска се сретна со жителите од овој дел на
градот, за да изврши увид во водоснабдувањето после активностите на терен кои
јавното претпријатие ги презеде во функција на надминување на проблемот.
„Јавното претпријатие имаше проблем со стренерот на регулаторот на притисок,
кој се наоѓа во населбата ‘Тризла’. Откако се санира дефектот на стренерот на
регулаторот за високите зони во населбите ‘Рид’ и ‘Тризла’, водоснабдувањето е
значително подобрено. Во наредниот период редовно ќе вршиме проверка на
регулаторите на притисокот, за да им овозможиме на сите наши граѓани да се
снабдат со квалитетна вода за пиење, која ќе биде во доволни количества“,
истакна директорот на ЈКП „Водовод и канализација“, Емил Јанески.
На средбата со граѓаните од урбаната заедница „Рид“, Јанески напомена дека во
координација и соработка на двете јавни претпријатија, „Водовод“ и „Комуналец“,
ќе се работи на целосно урбанизирање и уредување на оваа населба, меѓу кои и
на запуштеното детско игралиште.
Истовремено директорот Јанески напомена дека во тек е тендерската
постапка за набавка на исклучително квалитетен ренген, кој ќе може да ја лоцира
мрежата на длабочина од 5 метри. На тој начин, заедно со опремата за детекција
на губитоците на вода и на “тесните грла“ во канализационата мрежа, ЈКП
„Водовод и канализација“ конечно ќе има увид во целокупната мрежа, што ќе
помогне во навременото и брзо отстранување на проблемите и дефектите во
водоводната и канализационата мрежа.