Директорите, предметните наставници и учениците коишто ги изведоа победничките перформанси на ревијалните смотри, што традиционално со децении, се одржуваат овој месец во Прилеп, денеска беа гости во кабинетот, на покана на градоначалникот Илија Јованоски.
Градоначалникот Јованоски им честиташе на сите, посакувајќи им уште многу успеси во иднина.
„Не само на учениците, предметните наставници и директорите на наградените училишта ‘Добре Јованоски’, ‘Блаже Конески’ и ‘Кире Гаврилоски’, туку им честитам и на сите учесници на годинешните смотри. Понудената програма и според нашите претставници во жири комисијата е исклучително квалитетна, што говори за креативноста и посветеноста на сите кои што се дел од овој културно-образовен настан“, рече градоначалникот Јованоски.
Според директорката на ООУ „Блаже Конески“, Весна Мојсоска, ревијалната вечер е пред се манифестација на слободни ученички активности кои училиштата ги спроведувааат во текот на учебната година.
„Од програмата се гледа дека голем број ученици сакаат да се вклучат и жарот со кој што тие приоѓаат кон овие активности, ни дава мотив да се трудиме да ги ангажираме и што е можно повеќе да постигнуваме успеси. Она што сакам да го истакнам е тоа дека ја имаме поддршката и од родителите кои несебично се вложуваат и токму тоа е начинот на кој успеваме да бидеме успешни и продуктивни“, истакна Мојсоска.
Сите ученици на денешната средба, добија пригодни подароци од Општина Прилеп.