По повод празникот „3-ти Ноември“, денот на конечното ослободување на Прилеп, прилепската боречка организација организираше предавање за присет на делото на борците од НОБ. Предавачот, историчарот Илија Велкоски се осврна на придобивките, значењето и улогата на Народно ослободителната борба. Од прилепската организација на Сојузот на борци го поздравија присуството на градоначалниот на Општина Прилеп, Илија Јованоски и претседателот на Советот, Миле Талески изразувајќи надежи за идна плодна соработка.
„3-ти Ноември“ е еден од најзначајните денови во историјата на нашиот град, затоа што Прилеп тогаш конечно е ослободен од фашистичкиот окупатор. Во историјата на македонскиот народ имало многу востанија, но ова е прво ослободително движение, прва револуција со која се формира македонската држава на 2-ри август 1944 година. Би апелирал младите генерации и понатаму да ги продолжат овие одбележувања, да ги почитуваат сите придобивки на НОБ и придобивките на АСНОМ. Посебно се чувствувам денеска горд што дадовме 17 нови книшки на членови на нашето здружение кои се почитувачи на ликот и делото на борците од НОБ. Во нашиот Сојуз имаме и над 2.000 членови“, истакна Круме Соколоски, претседател на Сојузот на борци во Прилеп.
Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски најави интензивирање на соработката со прилепската боречка организација, при тоа упатувајќи и покана за утрешната свечена седница по повод празникот.
„Сакам да упатам благодарност до општинската организација на Сојуз на борци од нашиот град за поканата што беше упатена, денеска да бидеме нивни гости на предавањето што го одржа г-динот Илија Велкоски во чест на утрешниот празник „3-ти Ноември“, Денот на ослободувањето на Прилеп. Во оваа прилика сакам да истакнам дека нашата соработка со Сојузот на борци ќе продолжи и понатаму на високо ниво. Ги поканувам сите членови на Сојузот на борци на утрешната свечена седница по повод празникот, што ќе се одржи во Општина Прилеп, со почеток во 20 часот“, изјави градоначалникот Јованоски.
Од Сојузот на борци им порачаа на сите млади генерации да ги продолжат овие активности, „зашто само така се чува и развива патриотизмот и така се почитува и сака Македонија“.