Клубот за екстремни спортови „Skyriders“ од Прилеп, викендов по 5-ти пат ќе ја организира меѓународната трка насловена како „Storm Riders 2017“ на мото крос арената во Лагово.
На трката од ревијален карактер годинава ќе учествуваат 30-ина натпреварувачи од повеќе балкански држави. Трката е организирана во 4 категории : MX1, MX2, MX3 и OPEN CLASS.
„Оваа ќе биде единствена мото крос трка годинава организирана во Македонија. Сите возачи од државата се нетрпеливи да учествуваат на еден ваков настан. Изминативе години стекнавме реноме, имаме патека која е направена според сите стандарди и целта е овој натпревар да премине во меѓународна трка со натпреварувачки карактер. Во иднина сметам дека ќе ги постигнеме овие цели“, вели Златко Спиркоски, секретар на клубот за екстремни спортови „Skyriders“.
Според Спиркоски оваа трка придонесува за развој на т.н. екстремен спортски туризам.
„Се носиме со идеја, оваа патека во иднина освен за натпревари да се користи и за рекреативно возење. Има можности биде осветлена, па ќе може да се користи и ноќе. Тоа е особено атрактивно во светот, бидејќи во лето преку денот е жешко и љубителите на овој спорт практикуваат да возат ноќе по вакви патеки“, додава Спиркоски.
Во сабота (25.11.2017) ќе биде тренинг денот, а главната трка ќе се одржи во следниот ден, во недела.