Со пригодна манифестација пензионерите од урбаните заедници „Сточен пазар“ и „Корзо“ денеска во присуство на градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски го отворија новиот клуб. Градоначалникот Јованоски ја истакна несебичната поддршка и посочи на престојните проекти што ќе го подобрат квалитетот на животот на оваа категорија граѓани.
Во новоотворениот клуб членуваат повеќе од 800 пензионери.
„Домот претставува катче каде ќе твориме, секојдневно ќе се релаксираме и убаво ќе си ги поминеме останатите години од нашиот живот“, посочи Љубен Димески, претседател на клубот „Корзо“.
Од Здружението ја истакнаа потребата од отворање на вакви клубови во разни делови од градот, зашто нудат можност за анимација на пензионерите.
„Досега со Здружението на пензионери работиме одлично. Резултат на тоа е отворањето на повеќе вакви пензионерски клубови во градот, во населбите Рид, Тризла, во УЗ Гоце Делчев, домот Спиро Забрзачаец, а моментално при крај е изградбата на пензионерскиот клуб во најстарата населба Варош. Во иднина ќе отвориме и пензионерски клубови во населените места Ропотово и Обршани, истакна Кирил Ѓорѓиоски, претседател на Здружението на пензионери.
Градоначалникот Јованоски ја истакна поддршката на локалната власт за проектите коишто го олеснуваат животот на граѓаните во трето доба.
„Денеска присуствуваме на отварањето на новиот пензионерски клуб на ограноците од УЗ „Сточен пазар“ и „Корзо“. Како локална самоуправа секогаш ќе ги поддржуваме пензионерите и ќе им помогнеме во реализирањето на проектите, зошто тие тоа го заслужуваат“, порача градоначалникот Јованоски.