На иницијатива на невладината организација АГТИС, денес се одржа стручна панел дискусија на тема „Каква ТВ му е потребна на Прилеп?“. Покрај претставници на локалните медиуми, улогата на воведничари на панел дискусијата ја имаа познатиот македонски новинар и политички аналитичар Сашо Орданоски, како и комуникологот Петар Арсовски.
Сашо Орданоски рече дека на Прилеп му недостасуваат медиуми кои ќе го застапуваат јавниот интерес, чие успешно функционирање е тесно поврзано со нивното финансирање.
„Локалните медиуми треба да се застапници на јавниот интерес, а не на политички, партиски или бизнис интереси. Но ова прашање е во тесна врска со тоа како се финансираат медиумите, што значи дека нивната независност зависи од тоа како опстојуваат. Во македонски услови одговорот би бил дека треба да бидат комерцијални медиуми, но ние знаеме дека одржувањето на медиумот само од комерцијални интереси е невозможен. Јас лично мислам дека локалните медиуми не можат да опстојат додека не се постави субвенционирање на медиумите, како на локално така и на централно ниво, а таа тема треба да биде покрената од самите нив“, посочи Орданоски
Комуникологот Петар Арсовски смета дека локалната економија не е на такво ниво, за да може медиумите да опстанат без поддршка од државата.
„Тешко се опстојува на локално ниво особено кога станува збор за мал пазар, а ние сепак не сме Германија или САД да имаме развиено добра локална економија. Така што некоја интервенција од страна на државата ќе мора да постои. Локалните медиуми се поблиску до локалните теми и истите треба да се поддржат, а државата мора да најде начин за да ги спаси локалните медиуми“, истакна Арсовски.
Панел дискусијата заврши со констатација дека покренувањето на иницијатива за основање нов медиумски оператор, е од голема важност и од интерес на локалната заедница.