Вечерва, во Ликовниот салон во НУЦК „Марко Цепенков“ Прилеп беше отворена ретроспективна изложба на скулптури во дрво изработени во текот на 50 години континуирано ликовно творештво во „Интернационалното студио за пластика во дрво“ во организација на Центарот за современа ликовна уметност од Прилеп (ЦСЛУ).
На изложбата беше присутен градоначалникот Борче Јовчески и Претседателот на Совет Дејан Проданоски. Организаторите посочија дека Прилеп ја негува ликовната уметност преку Уметничкото лето и Интернационалните ликовни работилници во организација на Центарот за современа ликовна уметност од Прилеп.
Прилеп има една поголема збирка на ликовни дела изработени во различни техники и материјали. Последните години почнувајќи од 2017 година и јубилејот „60 години ликовно творештво ЦСЛУ-Прилеп“ посветен на 60 години континуирано сликарско творештво во Интернационалната сликарска колонија, јубилеите се редат еден по еден. Во 2018 година ЦСЛУ-Прилеп со гордост го прославува јубилејот „55 години Интернационален скулпторски симпозиум Мермер“, а во 2019 година од големо значење за нив беше и одбележувањето на јубилејот „35 години Интернационално атеље за скулптура во метал“. Веќе во 2020 година успешно го одбележуваат и јубилејот 40 години ЦСЛУ-Прилеп (официјалното отпочнување со работа на ЦСЛУ-Прилеп и реорганизацијата и спојувањето на сите ликовни студија под една организација), за да оваа година достоинствено го одбележат и јубилејот „50 години Интернационално студио за пластика во дрво“.
Иложбата е дел од годишната програма за работа на ЦК „Марко Цепенков“ за 2021 поддржана од Министерството за култура.