На летната сцена на ЦК „Марко Цепенков“, синоќа во присуство на градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски и директорката на Центарот за култура, Јасмина М. Станкоска, по 13-ти пат се крена завесата на ликовната колонија „Дрен“. Годинешното издание на ликовната колонија ќе трае до 25 јули и на него, освен што ќе творат сликари, дела во метал ќе создаваат и скулптори.
На ликовната колонија „Дрен“ свои дела ќе создаваат 12 уметници од земјава и странство: Мирослав Живковиќ и Снежана Малетин од Србија, домашните ликовни уметници Мирјана Крстева Масети, Александра Петкова Џианели, Буба М. Солак, Драган Најденовски, Новица Трајковски, Владимир Темков, Тони Чатлески и Стефан Малбашиќ, како и скулпторите Слободан Милошески и Марјан Стојаноски.
Делата создадени на годинашната колонија ќе бидат претставени на изложба која ќе се одржи наесен.
Досега на ликовната колонија се создадени околу 350 дела, кои се во трајно наследство на Центарот за култура и на државата.