Во паркот пред Основниот суд, денеска беше откриено спомен обележје во чест на загинатиот припадник на Единицата за специјални задачи „Тигар“, кој животот го загуби во кумановското „Диво насеље“.
Неговите колеги од Единицата за специјални задачи, велат дека ликот и делото на Ненад Серафимоски засекогаш ќе остане во нивните сеќавања.
„Ја имавме можноста да го познаваме, да бидеме дел од неговиот живот, да соработуваме со него и заеднички да споделуваме радост и тага. На кобниот 9.мај пред 3 години, Ненад беше еден од осумте бранители, кои што го загубија животот прерано, на само 27 годишна возраст. Ненад ја направи најголемата жртва, но и почест, загина во исполнување на службена должност, во одбрана на татковината и зачувување на нејзиниот интегритет“, изјави претставник на Единицата за специјални задачи „Тигар“.
Спомен обележјето, за чие подигање Одлука донесе Советот на Општина Прилеп, го открија претставници на неговото семејство и на единицата за специјални задачи „Тигар“. Покрај членовите на семејството, пред спомен обележјето на Ненад Серафимоски, свежо цвеќе положија градоначалникот Илија Јованоски, Единицата за специјални задачи „Тигар“, ЕБР, ПЕП и голем број роднини и пријатели.