ОУ „Кире Гаврилоски – Јане“, ОУ „Кочо Рацин“ и ОУ „Блаже Конески“ се трите основни училишта од Прилеп, кои се избрани за реализација на пилот проектот „Училишта од 21 век“, организиран од страна на Британскиот совет, Министерството за образование и наука и Бирото за развој во образованието.
„Целта на овој проект е преку обезбедување десет наставници, кои што треба да се обучат и да воведат новитети во наставно-образовниот процес, да ги поттикнат учениците на критичко размислување, решавање на проблеми и зголемување на дигиталните вештини. Исто така секое училиште ќе добие 30 џебни компјутери (микробит) кои ќе се употребат во наставата во информатичкиот дел“, истакна Кети Стевананџија, директорка на ОУ „Кире Гаврилоски – Јане“.
Едукацијата на наставниот кадар, што ќе го имплементира пилот проектот во градот, ќе одржува во ОУ „Блаже Конески“.
„Во ОУ ‘Блаже Конески’ веќе трети ден се одржува овој семинар. Семинарот се изведува успешно, задоволни се и наставниците и предавачите. Така ќе биде и во останатите два дена до кога трае обуката“, вели Петре Мишески, в.д директор на ОУ „Блаже Конески“.
Според стручните лица кои што се имплементатори на проектот, училиштата имаат потреба од нови предизвици и знаења.
„Се работи за микробитови т.е мали чипови, што имаат можност да создадат знаење кај наставниците и учениците во основните чекори во програмирањето или кодирањето. На тој начин, наставниците во следните чекори ќе можат да создаваат проблеми, со кои ќе ги предизвикаат децата да програмираат и да размислуваат. На овој начин секој во наставата може да го примени програмирањето, а преку тоа децата да ја развијат креативноста, работата во тим, вештините за критичкото размислување и дигиталната писменост“, истакна Андријана Никуловска, наставник и координатор на проектот.
Младите луѓе заслужуваат да им се даде прилика да се оформат во зрели, креативни луѓе способни за критичко размислување, подготвени да се приклучат на пазарот на трудот и да ја моделираат својата иднина, како и онаа на идните генерации. Програмата е наменета за ученици од 10 до 14 години.