Во основното училиште „Страшо Пинџур“ во селото Мало Коњари, 155 основци од ова и соседните населени места: Големо Коњари и Кадино село, оваа учебна година, ќе учат во реновирани простории.
Сменет е подот во целата училишна зграда, прва инвервенција по 11 години. Училиштето е варосано, сменет е дел од инвентарот, а се вложуваат напори да се реновира и спортската сала.
Од општинската каса се оддвоени 1.200.000 денари за да се подобрат хигиено-техничките услови за одржување настава, пред почетокот на новата учебна 2018/2019 година. Од остварените средби со потенцијални донатори, директорката Ирена Кироска, најави потенцијална можност за изградба на нова монтажна спортска сала, која што ќе ги задоволува потребите не само на учениците, туку и на жителите со спортски дух, од околните населени места.
Градоначалникот Илија Јованоски денеска беше во посета на ова рурално училиште, за да им посака среќна нова учебна година, многу нови знаења и успеси на сите ученици.
„Општина Прилеп во соработката со Министерството за образование и наука, ќе го продолжи процесот на опремување на училиштата и обезбедување оптимални услови за одржување настава. Примената на европските стандарди во образовниот процес е наш императив како општество. Затоа ќе се интензивираат проектите за имплементација на евростандардите во образованието и нашите заложби како Општина, да ги подобриме условите за одржување квалитетна настава и хигиена на потребно ниво, во ова и сите други училишта во општината. Зашто вие сте нашата иднина, иднината на нашата заедница, држава, на нашето општество“, рече градоначалникот Јованоски.
Во ова училиште денеска зачекорија 14 првачиња, кои што ќе учат во попладневната смена.
„Драги ученици, од денеска нашето училиште е побогато за уште една верувам, успешна генерација, а вашето детство е побогато со уште една игра без граница наречена учење, а оваа игра е невозможна без грижливиот надзор на вашите наставници. На родителите сакам да им порачам во свое име и од името на наставниците, дека од денеска ќе ја делиме одговорноста и иднината на нашите деца со заедничка соработка. Пред нас возрасните е важна задача: да ги научиме нашите првачиња да го сакаат училиштето, да се радуваат на секое влегување во него и задоволни да излегуваат, збогатени со нови знаења и пријателства“,рече директорката Кироска.
И градоначалникот Јованоски и директорката Кироска порачаа до родителите и наставниците да го дадат својот придонес, еднакво да се едуцираат и образуваат сите ученици.
„Сите ние треба да сфатиме, дека сите деца се исти, колку и да се различни, дел од нив нетипични во својот развој. Сите исто чувствуваат, исто сакаат, на исти нешта се радуваат и подеднакво тагуваат. Од тој аспект, како градоначалник, но и како родител, токму денеска на првиот училиштен ден, апелирам до сите наставници, професори, педагози, директори, подадете им рака и еднакво грижете се, образувајте ги и воспитувајте ги сите ученици“, акцентираше градоначалникот Јованоски.