Во рамките на проектот „Еразмус+ Улица“, во периодот од 14 до 20 февруари, претставници на ООУ „Гоце Делчев“ од Прилеп присуствуваа на првата LTT средба за обука на наставници, која се одржа во Сан Себастијан – Доностија, Шпанија, на тема „Повеќејазичноста и образованието“. Покрај размената на искуства од областа на изучување на странските јазици во земјите што партиципираат во проектот, на обуката беше презентиран и образовниот систем на Баскија, регион во Шпанија, каде што на исто рамниште се поставени баскискиот и шпанскиот јазик, односно училиштата се двојазични. За скоро време се планира воведување и на англискиот како трет рамноправен јазик, со што училиштата ќе станат тријазични.
„Еден од трите проекти кои се реализираат во нашето училиште со грант од Еразмус+ програмата на Европската комисија, е проектот „Еразмус+ Улица“. Целта на овој проект е изучувањето на странските јазици да се трансформира од традиционална настава на наставникот, во модерна и современа настава во која ученикот е во фокусот на интересот. Учениците ќе имаат можност да ги изучуваат странските јазици во средина, која ќе симулира реални ситуации и ќе овозможи интегриран пристап со останатите предмети, што се изучуваат во училиштето. Партнер земји во проектот се: Турција, Италија, Португалија, Шпанија и Хрватска“, изјави Веле Ѓорѓиоски, директор на ООУ „Гоце Делчев“.
За време на престојот во Шпанија, претставниците на ООУ „Гоце Делчев“ се сретнаа и со градоначалникот на Сан Себастијан – Доностиа, Енеко Гоја.