Општина Прилеп утре ќе врши дезинфекција на сите улици, тротоари и пристапи до избирачките места

Изјава на градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски:

Во насока на преземање мерки за зачувување на јавното здравје и здравјето на граѓаните, денеска одржавме седница на Општинскиот кризен штаб, на која ја разгледавме моменталната состојба со вирусот КОВИД-19 во општината.

Според информациите на Центарот за јавно здравје, денеска во нашата општина има 5 нови случаи на коронавирус, а од болестa оздравеле 4 лица.

Бројот на аткивни случаи изнесува 63, од кои 44 се наоѓаат на домашно лекување, а 19 се хоспитализирани во Инфективното одделение на Општата болница „Борка Талески“.

Вкупниот број на заболени од коронавирус од почетокот на пандемијата изнесува 300, а 20 лица починале како последица од вирусот.

Во домашна изолација и самоизолација, се наоѓаат 104 лица.

Општина Прилеп продолжува со дезинфекција на улиците и јавните површини во градот и населените места.

Во соработка со Јавните комунални претпријатија од градот и Територијалната противпожарна единица, утре вторник 14-ти јули, ќе ги дезинфицираме улиците, тротоарите, јавните површини и сите пристапи до избирачките места во градот.

Како и во изминатиот период, со акцијата ќе бидат опфатени и населените места, при што волонтери со сопствена земјоделска механизација ќе ја спроведат дезинфекцијата на улиците кои водат до објектите во кои граѓаните ќе можат да го остварат своето право на глас.

Во оваа прилика, уште еднаш упатувам апел до граѓаните на нашата општина да ги почитуваат препораките на Комисијата за заразни болести, Министерството за здравство и Владата, за заштита од коронавирусот, да носат заштитни маски, да држат дистанца и да не се групираат.