Општина Прилеп работи на проекти за подобрување на туристичката понуда

Во своите активности за поддршка и промоција на туризмот, како и за
привлекување што поголем број на посетители и подобрување на туристичката
понуда, Општина Прилеп во моментов работи на три активни проекти.

„Она што првенствено сакаме да го направиме, е да ја подобриме пристапноста,
односно да го зголемиме бројот на информации кои што ќе бидат достапни за
туристите, како што се изработка на веб страни, брошури и други промотивни
материјали. Преку проектите кои ги реализираме за Марковите Кули, проектот за
вештачкото езеро, ќе се подобри туристичката инфраструктура, но и
информациите и содржините за активниот туризам. Во соработка со Агенцијата за
поддршка и промоција на туризмот, работиме на проект за зачувување на
прилепската чаршија, со кој сите позначајни објекти во чаршијата ќе бидат
означени со соодветни информации“, вели Борче Јанкулоски од одделението за
локален економски развој при Општина Прилеп.

Јанкулоски нагласува дека во склоп на проектот за вештачкото езеро, ќе бидат
изградени велосипедска патека во должина од 7,3 километри и спортски центар, а
во иднина проектот може да биде дополнет со нови содржини кои што ќе бидат во
функција на активниот туризам.
Во рамки на проектот за Маркови Кули, ќе биде поставена Информативна точка
која ќе овозможи достапност на содржините на културните и природните
знаменитости на самиот локалитет.

„Размислуваме за поставување на Информативна точка и во центарот на Прилеп,
која би им била од помош на туристите при нивното прво пристигнување во
градот. Исто така, во соработка со Центарот за развој на Пелагонискиот регион
работиме на проект за означување на културните и природните знаменитости во
руралните средини, при што ќе бидат означени 135 локалитети“, потенцира
Јанкулоски.

Во делот на подобрување на туристичката понуда на градот, потребно е да се
подобри соработката со приватниот сектор, пред се’ туристичките агенции,
хотелите, издавачите на соби, кои на туристите ќе им понудат дополнителни
информации и содржини.