„Она што го најавивме минатата година, дека од општинскиот буџет ќе бидат
издвоени средства за фудбалскиот клуб „Победа“, тоа годинава го реализираме“,
рече градоначалникот Илија Јованоски на денешната прес конференција што се
одржа на градскиот стадион. Градоначалникот Јованоски акцентираше дека
Општина Прилеп на фудбалерите на „Победа“ ќе им додели вкупно 1.720.000
денари.
„Сакам во оваа прилика да го истакнам моето задоволство, што на играчите на ФК
„Победа“ ќе им ги доделиме ветените 1.000.000 денари и уште 720.000 денари за
првите 6 месеци од годинава, значи вкупно 1.720.000 денари, со надеж дека
новата управа ќе собере сили да го издржи темпото и напорот за да опстанат во
Првата фудбалска лига“, рече градоначалникот Јованоски.
Како што рече градскиот стадион „Гоце Делчев“ наликува на руина, поради
погрешно изработена проектна документација од страна на претходната
гарнитура на локалната самоуправа. Поради низата неправилности во
работењето, како и неизвршувањето на работите во договорениот рок од 90 дена,
Општина Прилеп го раскина договорот со фирмата изведувач на работите и во тек
е подготовка на нов тендер.
ВД претседателката на ФК „Победа“, Ирена Јакимоска, му се заблагодари на
градоначалникот за одржаниот збор и исплатата на ветените средства за
фудбалерите на овој клуб.
„Јас и тогаш кажав, дека доколку немав поддршка од страна на градоначалникот и
Општина Прилеп, ниеден клуб не би можел да издржи финансиски и затоа секоја
финансиска помош е значајна. Фактот што не можеме да играме дома,
предизвикува големо оптоварување за клубот, не само финансиски, туку и не
можеме да ја вратиме еуфоријата за фудбалот“, изјави Јакимоска.
Таа се надева дека со поддршка на градоначалникот Јованоски, ќе бидат
надминати проблемите околу изградбата на стадионот и дека за почетокот на
следната фудбалска сезона ќе биде оспособен теренот, со што ќе се стекнат
услови, прилепската фудбалска гордост своите натпревари да ги игра овде.