Општина Прилеп и ФИСКАСТ организираа предавање на тема „Јас и буџетот на општината – направете Вашиот глас да се слушне“

Во организација на ФИСКАСТ – мрежа за фискална одговорност, одржливост и
транспарентност, денеска во големата сала на Општина Прилеп се одржа јавно
предавање на тема „Јас и буџетот на општината – направете Вашиот глас да се
слушне“.

На предавањето, претставници на урбаните и месните заедници, граѓанските
организации и бизнис секторот, имаа можност да се информираат како трошењето
на општинскиот буџет влијае на квалитетот на животот на граѓаните, како и за
можностите за нивно вклучување во процесот на подготовка на буџетот.

Во своето обраќање, градоначалникот Илија Јованоски ја истакна важноста која
Општина Прилеп му ја посветува на парцитипативното буџетирање, односно на
вклучувањето на граѓаните во изработка на општинскиот буџет. Тој ја
потенцираше заложбата за транспарентно и отчетно работење, во чија функција
беше формирањето на Граѓанскиот парламент. Токму таму, потсети
градоначалникот Јованоски, на првата седница на Граѓанскиот парламент, се
роди идејата за отворање на Дневниот центар за лица со церебрална парализа.
За очекување е дека и во иднина, барањата и потребите на граѓаните на општина
Прилеп ќе ги одредуваат приоритетите во креирањето на општинскиот буџет.

Професорот од Економскиот факултет во Прилеп, Димко Кокароски рече дека
буџетот е кичмениот столб на економската политика, ккао на државата така и на
општините. Тој ја нагласи потребата од поголема заинтересираност на граѓаните
за трошењето на буџетските средства, од причина што тие директно влијаат врз
нивниот живот, на тоа во каков град ќе живеат и функционираат. Професорот
Кокароски истакна дека заминувањето на младите од државата претставува чист
одлив на нето капитал од причина што, на пример, едукацијата на еден лекар кој
заминува на работа во странство, нашата држава ја чини околу 130.000 евра. Во
своето излагање, Кокароски ја објасни структурата на државниот буџет при што,
како специфика наласи дека дури 33% од него одат на социјални трансфери, дека
за образованието се издвојува 10%, а за науката само 0,2%.

Во име на Општина Прилеп, структурата на општинскиот буџет ја објасни
раководителот на секторот за финансиски прашања, Драге Ѕвездакоски.

Предавањето беше дел од проектот „Мои пари, моја одговорност: парцитипативно
буџетирање во општините во Република Северна Македонија“, реализиран со
поддршка на Проектот на УСАИД за граѓанско учество.